Саудиска Арабија во октомври 2022 започна со изградба на огромен проект за град наречен Лајн, што се преведува како „линија“. Градот ќе биде долг 170 километри и ќе се наоѓа во пустината. Планот е во него да живеат 9 милиони луѓе.
Градот ќе се состои од два долги реда облакодери во кои ќе нема автомобили, а целата енергија што ќе се користи ќе биде произведена од обновливи извори. Меѓутоа, математичарот Рафаел Прието-Куриел и физичарот Даниел Кондор од научниот институт во Виена тврдат дека дизајнот на градот не е добар од математичка перспектива.
- Линијата е најмалку ефикасна можна форма на еден град - велат тие.
Наместо тоа, градот би требало да има кружна форма, според нив. Главниот проблем со линеарниот пристап се огромните растојанија. Одберете две лица по случаен избор од планираниот град и тие ќе бидат оддалечени во просек 56 километри, пресметале тие. За споредба, разгледајте ја јужноафриканската метропола Јоханесбург. Неговата поголема област има сличен број на жители како што ќе има Лајн во иднина, но таму две лица се оддалечени во просек околу 34 километри.
Во Лајн, проблемот со движењето и превозот треба да биде решен со брза железница, но за да функционира тоа, градот треба да има околу 86 станици. Честото застанување ќе го зголеми времето на патување. Затоа, секој жител ќе патува просечно над еден час за да стигне до дестинацијата, пресметале тие.
Според нив, кругот е најдобра опција за изградба на голем град бидејќи така би се решиле овие проблеми. Просечната оддалеченост меѓу двајца случајни жители би била само 3 километри во овој случај, па затоа не би била потребна брза железница. Освен далечината, кружниот облик има и други поволности. Линеарниот дизајн би ставил повеќе луѓе во опасност при пожар или друга несреќа.
Извор:
Scientific American
Насловна фотографија:
Neom