X
 19.10.2018 Образование

Филозофскиот факултет од Скопје со богата биографија ќе ја прослави 100-годишнината

Реновирани се и библиотеките на Филозофија, Историја на уметност и археологија и на Класични студии. Изработена е и проектна документација за целосно реновирање на библиотеката на Институтот за историја

„Еден век високо образование“, еден век државотворност. Ова ќе биде мотото под кое Филозофскиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе ја прослави 100-годишнината во 2020 година. Овој факултет е првата високообразовна институција отворена во Македонија. Големиот јубилеј ќе го прослави со богата биографија.

Деканот Ратко Дуев вели дека во изминатата година фокусот бил ставен на капитални инвестиции, проширување на меѓународната соработка, особено преку регионално поврзување со сродни факултети, зголемување на мобилноста на наставниците на факултетот, како и поголемо вклучување на професори и стручњаци од пракса од регионот и светот во наставата преку програмите за мобилност.
- Имавме многу јавни предавања за подигнување на квалитетот на наставата, апликативната дејност ја шириме преку програми за обуки и летни школи, а заживуваат центрите и лабораториите. Овозможивме поголема поддршка на студентските активности, отвореност за соработка со сите установи, здруженија и поединци кои во своите активности и проекти вклучуваат студенти од факултетот, аплицирање на меѓународни проекти. Се подготвуваме со полна пареа за големиот јубилеј што нè очекува во 2020 година – вели Дуев.



Кога се во прашање меѓународните проекти, цела година фокусот бил ставен на аплицирање на проектите на Еразмус+, ЦЕЕПУС, Хоризонт 2020.
Веќе имаат одобрен проект од Европската комисија, „Поттикнување на пристапни технологии за студирање (FAST): пристапен систем за управување со учењето во хуманистичките и општествени науки“, во кој се вклучени наставници од разни области од факултетот.
- Покрај финансиските придобивки, со овој проект факултетот ќе добие пристапен систем за менаџирање на учењето кој ќе се базира на open-source и cloud-based софтвер, како и онлајн-систем за менаџирање на учењето во формати пристапни за студентите со попреченост – вели Дуев.
Тој потенцира дека студентите, квалитетот на наставата, како и обезбедување пракса се секогаш главен фокус на оваа институција.
- Во оваа учебна година 20 студенти беа вклучени во проектот за Социјално претприемништво, за што добија финансиски надомест. Исто така, 42 студенти беа вклучени во капитални археолошки проекти во кои покрај тоа што стекнаа практични знаења, беа платени за своите ангажмани, како проектот Бела Земја, Бонче, Кралство Македонија. Мачевски Чуки, Младо Нагоричане и изработката на Археолошкиот катастар – објаснува деканот.
Реновирани се и библиотеките на Филозофија, Историја на уметност и археологија и на Класични студии. Изработена е и проектна документација за целосно реновирање на библиотеката на Институтот за историја.

На полето на компјутерската и информатичката технологија, во текот на 2017 и 2018 година се преземени повеќе активности кои се особено важни за сите научни работници во Македонија и на Балканот:
- Направена е постапна дигитализација, обработка и електронско објавување на севкупната достапна периодика издадена од ФЗФ. Целосно се обработени девет стручни списанија на ФЗФ, остануваат за обработка уште четири. Сите тие ќе бидат објавени на новиот портал за периодика на ФЗФ, кој ќе биде промовиран кон крајот на оваа календарска година. Направен е електронски репозиториум на трудови на сегашните и поранешните вработени на факултетот за полесно индексирање на научните трудови во електронските научни бази. Планирано е и обединување на библиотечните каталози на библиотеките во еден електронски библиотечен каталог. Обезбеден е специјализиран фонт, веб-страница, литература за испити и други изданија за студентите со посебни потреби, особено за лицата со оштетен вид и слух – информира Дуев.



Кога се во прашање научните проекти, во академската 2017/18 година Филозофскиот факултет учествувал во реализација на 21 научноистражувачки проект, од кои 5 меѓународни/билатерални проекти и 18 домашни. Во истиот период вкупно 109 наставници биле на стручно-научно усовршување, повеќето во странство.

Филозофскиот факултет од минатата година на професорите им дава надомест од просечна плата во РМ, по објавен труд во списание со импакт-фактор во базата на Web of science.
- Зголемување на „импакт-факторот“ на секој наставник е факторот на влијание на Филозофскиот факултет не само во областа на научните списанија, туку општо во науката и образованието пошироко во Европа и во светот – велат од факултетот.



Минатата година на Филозофски факултет биле реализирани вкупно 23 јавни предавања од страна на професори и предавачи од странство, а 12 професори од Филозофски одржале предавања на универзитети во Германија, САД, Велика Британија. Факултетот бил организатор и на 20 научни настани, од кои 7 биле меѓународни. Факултетот поддржал и 12 студентски конференции и собири.

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование