X
 12.04.2020 Живот

Какви се условите за онлајн-полагање на испитите на факултетите, здравствените работници-наши херои... Што пишувавме неделава?

Може ли да се реализираат онлајн-испити во време на вонредната ситуација? Здравствените работници се во прва борбена линија со невидливиот непријател, се потсетивме на историјата на болеста маларија во охридскиот и струшкиот крај - ова се дел од содржините што ги истражувавме изминатата недела. 




Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип планира овој месец да воведе онлајн-проверка на знаењето. Онлајн-наставата веќе тече без поголеми пречки, велат од Универзитетот. Со воведувањето на вонредната состојба започнале со подготвување на начините за спроведување на наставата, организација на колоквиумските полагања и испитите.

- На некој начин бевме подготвени за ситуацијата затоа што веќе користевме многу онлајн-алатки: Е-учење (moodle) платформа каде што се сместени сите потребни материјали за предметите. Преку оваа платформа се организираат и дел од колоквиумите и ќе бидат организирани испитите за поголемите групи. Е-библиотека – платформа каде што се сите учебници, скрипти, практикуми и каде што студентите можат да ги преземат бесплатно. Со ова им овозможуваме на студентите да ги имаат сите учебни помагала од дома, на безбедно. Е-индекс – каде што студентите можат да ги извршуваат сите обврски онлајн: пријавување, заверување, поднесување барања, следење резултати ...MS Teams – моментално ја користиме за предавања и е платформа каде што ќе се спроведуваат усни испити. Оваа платформа се користи исто и за одбраните на дипломските трудови - велат од УГД.



Повеќето факултети го прифатиле барањето на студентите на УКИМ испитите да не се полагаат онлајн зашто тоа не нуди гаранција за квалитетот и ќе го деградира нивното знаење, труд и диплома. Основниот аргумент на студентите беше дека не постои механизам кој ќе обезбеди целосен надзор врз начинот на полагање и ќе се овозможат манипулации со испитите.

Филозофскиот факултет од Скопје го прифатил барањето на Студентското собрание да нема оценување додека не завршат вонредните мерки и не се создадат услови за објективно оценување. Деканот Ратко Дуев смета дека студентите се во право.

- Не се доведува во прашање само објективноста на оценувањето, туку и реалното администрирање на семестрите, сесиите и учебната година. Имаме професори со хронични заболувања, мајки на мали деца или на породилно отсуство, кои се ослободени од работните обврски. Не можам да барам од нив да ги извршуваат работните обврски бидејќи со тоа би ги кршеле одредбите од времените мерки. Не би сакал да помислам, но што ако некој наставник или студент се разболи во меѓувреме од вирусот? - вели Дуев.





Светот денес го тресе голема криза поради коронавирусот. И додека луѓето се во исчекување на вакцината и лекот за спас на човештвото, заборавени се болестите што пред 100-ина години беснееле низ светот, на пример, маларијата. Иако Ковид-19 е заразна болест што прерасна во светска пандемија и сее страв, одземајќи многу човечки животи и во моментов е мистерија и е неспоредлива со маларијата, сепак, сведоштвата за болеста која во минатото одзеде милиони животи во светот се потсетување дека човештвото отсекогаш било исправено пред предизвици да се бори со тешки болести. Маларијата била совладана со упорност, но и наука.




Како минуваат деновите, станува сѐ поизвесно дека вирусот со кој сме соочени веќе некое време допрва ќе го покажува својот лик, ќе нѐ измачува, ќе нѐ загрижува и ќе нѐ исправа пред предизвик каков што веројатно не сме имале досега – и како родители и како наставници. Како луѓе, конечно. Се мачиме со него додека тој со невидена леснотија секој ден зафаќа сѐ поголема и поголема популација, неми и во грч нѐ приковува пред ТВ-екраните, ни влева немир и чувство дека всушност и не сфаќаме најдобро колку оваа состојба е сериозна. А сериозна е. Многу - пишува наставничката Елизабета Секирарска во својата колумна. 





Се бориме со невидлив непријател, но верувајте во нас и почитувајте ги препораките на здравствените власти - вели д-р Виолета Огњанова, специјализант по анестезија, реанимација и интензивно лекување, на Светскиот ден на здравјето. Д-р Огњанова е во првата борбена линија на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а фотографијата што ја објави на „Фејсбук“ доволно говори за пожртвуваноста на сите лекари. Во прилог е целосната порака на д-р Огњанова, која ја испраќа преку Факултети.мк:

„Денес, сите заедно, докторите, медицинските сестри и сите здравствени работници работиме изложени на најголем ризик од инфекција со Ковид-19. Особена чест за секој млад доктор претставува довербата што ни ја дадоа нашите искусни колеги и ни дозволија да се вклучиме со целата наша енергија и стекнато знаење во битката за справување со најтешкиот вид на компликации од коронавирусот.
Посакувам секој млад доктор кој се чувствува спремен да ни се придружи во оваа борба која ни ја приреди невидливиот непријател. Се надевам ќе се справиме со него најуспешно што можеме, ќе ги намалиме загубите во човечки животи и ќе успееме успешно да ги закрепнеме заболените. Ви благодариме на сите за подршката, убавите зборови и надежта што ни ја давате да истраеме и во најтешките мигови кога стануваме исцрпени, беспомошни и разочарани кога губиме човек!

Верувајте во нас, бидете умни и почитувајте ги препораките на здравствените власти. Дозволете да ја исполниме нашата задача за која со љубов учиме и работиме. Затоа, ве молам СЕДЕТЕ ДОМА“.



Состојбата со Ковид-19 ја погоди естрадната дејност, исто како и другите бизниси што не трпат изолација и полициски час. Изведувачите потенцираат дека нивната работа е целосно запрена, а загубите се големи во секоја смисла.
Особено се погодени естрадните уметници што живеат од музиката и настапите и немаат друга опција за егзистенција. Доколку оваа ситуација потрае, може да дојдат во незавидна материјална положба.

Според процената на Петар Младеновски, фронтмен на ,,Суперхикс“, бендот ќе ја замрзне својата активност со настапи и со подготовка на нов материјал неколку месеци.

- Ќе изгубиме неколку настапи во Бугарија, Хрватска, Словенија, а многу повеќе во Македонија. Штетата е илјадници евра. Спонзори одамна нема, со исклучок на повремени „добродетели“ кои се уфрлуваат на проекти. Е сега, има тука една добра работа! Во оваа изолација креативците и авторите можат да извлечат максимум од својот потенцијал и да творат на мир. Јас го користам ова време токму за тоа. Верувам дека наскоро ќе помине ова лудило. Парите и така ќе отидат. Песните ќе останат и сеќавањето на едно време за преиспитување - вели Младеновски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот