X
 18.03.2020 Наша тема

Засега ќе ги одложиме колоквиумите, вели Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет

Со него разговараме како во вонредни услови се одвива наставата со околу 3.000 студенти во сите циклуси, на факултет за општествени науки

Дигитализацијата е многу поевтина од печатење учебници за сите ученици, стручни преводи итн. Да се вложеше во речиси бесплатни платформи и да се работеше на дигитализација на библиотеките, набавка на дата-бази, сега ќе имавме сосема поинаква состојба, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со него разговараме како во вонредни услови се одвива наставата со околу 3.000 студенти во сите циклуси, на факултет за општествени науки. Дуев вели:
- Од оваа состојба, сите ние што работиме во образованието и ресорните министерства мора да извлечеме голема поука. Првпат во мојата кариера се соочувам со вонредна состојба од ваков вид. Но, сакаме да бидеме полезни за заедницата и за нашите студенти и се снаоѓаме и изнаоѓаме разни решенија за да може Факултетот да функционира и во вакви услови - вели тој.



Како Филозофскиот факултет во Скопје се справува новонастанатата ситуација кога поради коронавирусот, Владата наложи прекин на наставата во сите образовни институции?


- По објавување на Одлуката на Владата за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, воведовме мерки за електронско водење на сите седници на институтите, колегиумите и комисиите за да не дојде до застој на процедурите околу дипломските работи, магистерските и докторските студии, а воедно да ги заштитиме нашите вработени и студенти од можна инфекција, особено што Филозофскиот факултет е еден од најголемите факултети во нашата држава со 150 вработени и 3.000 студенти на сите циклуси. Донесен е заклучок доколку одбраните не се врзани со рокови и со специфични услови за кандидатите, да се одложат до добивање други препораки од МОН и УКИМ. Доколку одбраните се врзани со рокови и со специфични услови за кандидатите, да се одвиваат без присуство на јавноста, само во присуство на кандидатот и комисијата. Напоменувам дека слушалните на Факултетот се дезинфицираат по секој настан и се заклучуваат до наредниот настан.

Опишете ни како се одвива наставата во вонредни услови?


- Во моментот проектниот тим на Еразмус+ проектот на Филозофскиот факултет „Поттикнување пристапни технологии за студирање (FAST): пристапен систем за управување со учењето во хуманистичките и општествени науки“ работи на забрзано финализирање на електронската платформа МУДЛ (MOODLE) преку која ќе се овозможи настава од далечина, адаптирана и за лица со посебни потреби. Софтверот е готов, останува уште да се постават електронските материјали за наставата и сите податоци на наставниците и студентите. Засега се користат бесплатни софтвери за телеконференциска врска и држење на настава од далечина. Морам да бидам искрен. Од оваа состојба сите ние што работиме во образованието, како и ресорните министерства, мора да извлечеме голема поука. Потребно е време, бидејќи за да се воведе ваков систем, не е доволен само софтвер, туку и посебна инфраструктура и обука на наставниците и на студентите. Најголем проблем на факултетите што имаат ваков софтвер е тоа што поради препораките луѓето да останат дома, предавателите и интернет-конекциите се преоптоварени, така што тешко оди реализацијата на часовите и често се случува „системот да падне“.



Потоа сите студенти треба да имаат услови: брз интернет и понов компјутер. За жал, дигитализацијата е многу поевтина од многу други проекти, како печатење учебници за сите ученици, стручни преводи итн. Доколку средствата се вложеа во вакви, речиси бесплатни платформи и се работеше на дигитализација на библиотеките и набавка на дата-бази, сега ќе имавме сосема поинаква состојба. Во консултација со моите колеги од САД, сфатив дека и покрај тоа што имаат најсовремени платформи, софтвер и опрема за далечинско учење, сепак, по затворањето на универзитетите и приклучувањето на 40.000 студенти во еден момент за да следат настава од дома се случуваат истите проблеми и пад на системот. Но тие брзо учат од грешките и забрзано работат на зголемување на серверските капацитети и капацитетите на интернет-мрежата. Првпат во мојата кариера се соочувам со вонредна состојба од ваков вид, но желбата да бидеме полезни за заедницата и за нашите студенти нè поттикнува да се снаоѓаме и да изнаоѓаме разни решенија за да може Факултетот да функционира и во вакви услови.

Какви можности имаат студентите за совладување на материјалот?

- Денешните технологии и високото образование овозможуваат дел од наставата да се одвива по електронски пат, особено реализацијата на дополнителните активности (семинарски работи, проекти и презентации). Наставниците им праќаат материјали за реализација на предметната програма и дополнителни активности по електронски пат, како задачи и изработка на проектни задачи поврзани со предметните програми.


Проф. д-р Ратко Дуев

Консултациите, исто така, се одвиваат по електронски пат. Податоци за студентите ни се достапни во системот IKNOW. За реализација на активностите на студентите на сите три циклуси, на располагање им се електронските бази на Факултетот на кои се поставени учебници, монографии, статии, како Репозиториумот на УКИМ, Периодика, на кој портал се сместени во електронска форма илјадници статии од научните списанија на Факултетот. За истражување и проектни задачи, се претплативме на големи светски научни бази како JSTOR, ЕBSCO, DOAJ, Edward Elgar, до кои студентите можат да пристапат и надвор од кампусот и од дома.

Ако продолжи оваа вонредна ситуација, какви се можностите за непречено одвивање на наставата? Можно ли е на овој начин да се полагаат испити?

- Нема поскапоцено нешто од здравјето на нашите граѓани. Затоа мора сите да се приспособиме на новонастанатата состојба. Тешко е да се прогнозира до кога ќе трае оваа состојба, како државен факултет, мора да се придржуваме и до насоките што доаѓаат од ресорното министерство и од Владата. Засега ќе ги одложиме колоквиумите. Наставата ќе се одвива по електронски пат на менторски начин и работа во групи. Поради специфичноста на многуте различни научни области што се изучуваат на Факултетот, наставниците ќе ја адаптираат електронската настава според целите на предметните програми. Останува проблем реализацијата на практичната работа и теренската настава. Во соработка се Ректоратот на УКИМ и со деканите на другите факултети, бараме модус како да се реши полагањето на испитите во јунската сесија.

За итни случаи, како можат студентите да добијат документ или потврда во овој период?

- Службите на Факултетот се достапни за студентите секој ден во текот на работното време и може да ги контактираат секој ден на нивните службени мобилни телефони и е-адреси и да добијат потребен документ (секако, со претходна најава и без контакт со вработените). За каква било техничка поддршка и проблем, може да се обратат до деканатот на Факултетот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема