X
 19.10.2020 Наша тема

Билазора, наместо бисер, жртва на лошата организација на институциите. Интервју со проф. д-р Драги Митревски

Археолошкиот локалитет ги исполнува сите неопходни предуслови да прерасне во една од најсилните понуди во нашиот културен туризам. Веќе е изграден асфалтен пат до самиот локалитет, вели во интервјуто проф. д-р Драги Митревски

Во историските извори се забележани неколку имиња на владетели кои последователно владееле со земјата на „независните Пајонци“. Најпознати меѓу нив биле Агист, Ликпеј, Патрај, Авдолеон, Леон и Дропион. Сите тие се поврзуваат за различни историски настани, експонирајќи се како значајни политички фактори на Балканот. Владетелската палата на акрополата во Билазора најверојатно била резиденција на овие владетели. Тоа го потврдуваат самата архитектура, градежните решенија, концепцијата на внатрешниот простор, но и откриениот инвентар во палатата. Била во употреба од 5 до 3 век пред новата ера, вели археологот, д-р Драги Митревски, редовен професор на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во интервјуто за Факултети.мк тој објаснува зошто овој археолошки локалитет е еден од најзначајните во земјава и пошироко, колку е научно верификуван, во каква состојба е денес, што е неопходно за да дојде до стадиум за туристичка експлоатација.

Проф. д-р Драги Митревски

Зошто археолошкиот локалитет Градиште кај светиниколското село Кнежје е толку важен за македонската археологија и нашето културно наследство воопшто?

- Големината и значењето на Билазора е во тоа што ги содржи сите вредности што го прават еден споменик голем, и тоа од највисок ранг. Научната вредност се содржи во откритијата и научните пораки што произлегуваат од нив, а кои претставуваат нова и единствена страница во балканската археологија. Пред почетокот на истражувањата тоа беше едно од илјадниците ритчиња за кои се веруваше дека имаат остатоци од стара населба, со претпоставка дека според големината може да се работи за најголемиот град на Пајонците.



Денес е извесно и прифатено во науката дека таму била престолнината на античката држава на Пајонците, со што Билазора се нареди меѓу најзначајните археолошки пунктови од предримско време на Балканот. Културната вредност произлегува од посебноста на откриените движни и посебно архитектонски остатоци во заштитениот дел и најзначаен дел на градот - акрополата, кои по својот карактер се единствени споменици на раноантичката култура кај нас, но и на Балканот. Економското значење произлегува од големите туристички потенцијали што ги има локалитетот, со сета своја посебност и ексклузивност на археолошките откритија. Тој ги исполнува сите неопходни предуслови да прерасне во една од најсилните понуди во нашиот културен туризам. Веќе е изграден асфалтен пат до самиот локалитет, а во локалниот музеј на Свети Николе е реализирана постојана музејска поставка за резултатите од истражувањата на Билазора.

Последните поголеми истражувања на локалитетот беа спроведени пред неколку години. Кои беа најголемите научни откритија?

- Последните истражувања на Билазора, Археолошкиот институт при Филозофскиот факултет во Скопје ги реализира во 2017 година. Беа истражени повеќе од 80 отсто од акрополата од градот, каде што беа откриени различни структури поврзани со владетелската класа, меѓу кои доминираат остатоците од владетелскиот комплекс со кралската палата и еден храм.

Во каква состојба беше локалитетот тогаш, во каква состојба е денес?


- Иако истражувањата веќе неколку години се прекинати, ние, истражувачите, никогаш не го напуштивме локалитетот. Перманентно се работи на документирањето, научното вреднување, публикување на резултатите од теренската работа. Притоа, тие се веќе презентирани на низа научни собири дома и надвор и се публикувани во низа меѓународни научни списанија и книги. Каква е ситуацијата на терен, можам само да претпоставам.



За самиот локалитет и откриените градби на него, според постојната легислатива, би требало да се грижи општинскиот музеј во Свети Николе, кој за тоа нема ниту кадровски ниту финансиски можности. Сепак, овој локалитет е од национално и глобално, а не од локално значење, така што неговата заштита, афирмација и јавна презентација е преголем залак и премногу комплексна задача за општинскиот музеј.

Што да се стори, како да се заштити и промовира овој археолошки бисер на Балканот?

- Најдобрата заштита секогаш е целосното истражување и документирање на откритијата за да не остане ништо од културната содржина на удар на разните деструктори и злонамерници. Ако тоа се направи како што треба, тогаш следните чекори на конзервација и организирање, туристичка експлоатација се лесни и ќе може секогаш да се реализираат. На Билазора сè уште не се завршени истражувачките активности, барем на акрополата, која е најпогодна за конзервирање и јавна презентација.

Во нашата земја најголем процент од заштитата на културното наследство отсекогаш бил на товар на државниот буџет. Постојат ли други опции – меѓународни соработки, странски фондови, приватни спонзорства и слично?

- Светот познава многу форми и начини на финансирање на ваквите објекти, од застанувањето на големи брендови зад истражувањето или конзервацијата на ваквите објекти до меѓународни проекти финансирани од меѓународни асоцијации или одредени научни и стручни институции. Сепак, за такво нешто неопходно е зад локалитетот да стои доволно силна, стручна и афирмирана институција која ќе може да одговори на сите предизвици, да привлече финансии однадвор или да им парира на странските партнери. Тоа не е случај со Билазора, каде што постојат премногу фактори кои на свој начин решаваат за нејзината судбина - од општината и локалниот музеј до регионалниот завод за заштита на спомениците на културата и управата за културно наследство.



Не би сакал никого да навредам бидејќи грешката не е до нив, туку до лошата организациска поставеност, но кај сите нив Билазора не е примарен, туку периферен интерес, би рекол товар, и тоа непосакуван. Во такви околности, без компетитивна институција која ќе ја има целосната одговорност и посветеност на проблемот на Билазора, не постојат услови за посериозни активности, ниту на полето на финансирањето ниту во истражувањата, конзервацијата или презентацијата.

Новата министерка за култура деновиве најави дека фокус на нејзиниот мандат ќе биде заштитата на културното наследство. Што очекувате во однос на Билазора?

- Зрак светлина за културното наследство претставува изјавата на новата министерка за култура. Така, кога е Билазора во прашање, би сакал да верувам дека ќе обезбеди услови да се довршат истражувањата за да може да отпочне конзервацијата и да стигнеме до јавно презентирање на нејзините големи вредности, со што ќе додадеме уште еден во низата на нашите најзначајни споменици на културата.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема