X
 23.04.2019 Наша тема

Дарко Стојановски, археологот од Штип кој го истражуваше новиот човечки вид на Филипините

Со д-р Стојановски разговараме како влегол во истражувачкиот тим, кога живеел лузонскиот човек, како стигнал на островот пред многу милениуми

За да прогласите нов човечки вид, потребно е време. Треба да се соберат доволно податоци за теориите да добијат статус на факти, вели Дарко Стојановски, невработен, доктор по праисториска археологија кој живее во Штип. Тој учествуваше во ископувањата на филипинскиот остров Лузон каде што археолозите пронајдоа остатоци од нов човечки вид. Наречен по местото каде што се пронајдени остатоци, homo luzonensis е новиот прапредок на денешниот човек и науката го потврди тоа.


Со чамец до пештерата, Дарко Стојановски

Стојановски дипломирал археологија пред 12 години на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Велико Трново, Бугарија. По дипломирањето, три години работел на повеќе локалитети низ Македонија, меѓу кои Стоби, Исар Марвинци, штипскиот Исар, Баргала... Во 2010 добил стипендија за магистерски студии во рамките на програмата Еразмус Мундус на Универзитетот во Ферара, Италија, каде што преклани докторирал. Со д-р Стојановски разговараме како влегол во истражувачкиот тим, кога живеел лузонскиот човек, како стигнал на островот пред многу милениуми.

Бевте дел од истражувачкиот тим на Филипините кој дојде до многу интересно археолошко откритие. Како се случи соработката?

- Во истражувањата во пештерата Калао бев вклучен како магистранд на Универзитетот во Ферара (Италија), кој е дел од конзорциумот научни институции што работат на овој проект, инаку раководен од Универзитетот „Дилиман“ во Манила, Филипини. Тоа беше меѓународен тим составен од специјалисти од повеќе области поврзани со археологијата и антропологијата.


Дел од атмосферата

Во кој дел од ископувања бевте вклучени?

- Ископувањата во пештерата траат, со прекини, од 2003 година до денес. Јас учествував во кампањата во 2011 година, која траеше три месеци. Но, научната работа е бавна. За да прогласите нов човечки вид, потребно е време за да се соберат доволно податоци за теориите да добијат статус на факти. Раководителот на проектот, Арманд Михарес, и тимот успеаја да го сторат тоа и пред неколку дена да ги публикуваат резултатите во едно од најпрестижните научни списанија во светот. Јас бев вклучен во ископувањата и во кабинетската анализа на артефактите во 2011, но потоа се насочив и докторирав на прашања поврзани со европската праисторија.


Дарко Стојановски со колега од Филипини

Колку се стари пронајдените остатоци, каде и со какви истражувања е извршено датирањето?

- Човечките остатоци директно се датирани со помош на ураниум и неговиот изотоп ториум (U-Thseries) во лабораторијата на Националниот универзитет во Австралија. Во 2010 година, на метатарзал (коска од стапалото) од една индивидуа му беше одредена старост од 67.000 години. Подоцна, во 2013, со истата метода еден од забите што ги откривме во 2011 беше датиран на 50.000 години. Инаку, досега се откриени остатоци од вкупно три индивидуи.

Освен коски, дали се пронајдени други материјални остатоци?

- Иако ретки, пронајдени се камени орудија што ги користеле како алатки за лов. Откриени се и коски од животни (најчесто елен) со траги од сечење од истите тие камени сечила. Поради малиот број камени орудија, се претпоставува дека голем дел од елементите што ги користеле во секојдневните активности биле направени од локален бамбус или некој друг органски материјал, кои, за жал, не се зачувани до денес.


Меѓународниот тим финансиран од фондации како „Венер-Грен“ и „Нешнл џиографик“

Според пронајдените остатоци, дали е направена реконструкција – за полот, висината, тежината, бојата на кожа, изгледот на овој предок на човекот?

- Досега откриените човечки остатоци се премногу мали (заби, фаланги, метатарзали...) за да можат да дадат информација за пол, тежина и слично. Единствено е јасно дека станува збор за вид со значително помал раст од нашиот. За жал, поради влажните услови во џунглата, во коските не е зачуван материјал од кој би можело да се извлече ДНК која би ни дала огромен број податоци за физичките карактеристики на овој вид луѓе. Но, според карактеристиките на овие малку откриени остатоци, несомнена е посебноста на овој нов вид луѓе homo luzonensis.


Живописна околина

Може ли да направиме споредба со крапинскиот човек, најстариот предок на човекот откриен во близина на Македонија?

- Таканаречениот крапински човек всушност му припаѓа на видот неандерталци. Во генеолошка смисла, лузонскиот човек е сличен со неандерталците, колку што е и со нас. Сите ние му припаѓаме на родот homo. Во смисла на физичкиот изглед, како што кажав, лузонскиот човек имал доста помал раст, што е сосема спротивно од робусните, физички цврсти неандерталци.

Кој е најблизок роднина на хомо лузоненсис и како стигнал овој прапредок до островот?

- Најблизок вид на лузонскиот човек, и во географска и во физичка, па и во хронолошка смисла, е homo floresiensis, уште еден островски вид на мали луѓе од Југоисточна Азија кој неодамна беше откриен на островот Флорес и популарно беше наречен хобит.


Еден работен ден во пештерата Калао

Вториот дел од прашањето е многу поинтересен. Иако морското ниво во текот на историјата варирало, островот Лузон никогаш немал копнена врска со континенталниот дел на Азија. Едноставно не постои друго објаснување за присуството на овој вид овде, освен тоа дека користел некаков вид примитивни рафтови. Инаку, автохтоно потекло како теорија е отфрлена и африканското потекло на homo luzonensis, преку природна еволуција и миграција на homo erectus е неоспорно.

Може ли да направиме споредба со археолошките истражувања на Филипини и во Македонија?

- Археолошките истражувања во Филипини беа организациски потпомогнати од врвни светски научни институции и беа организирани на ниво соодветно за нив. Уште поважно, беа финансирани од фондации како „Венер-Грен“ и „Нешнл џиографик“. Во Македонија истражувањата се одвиваат на ниво на нашите институции и соодветно на финансиите кои државата ги одделува за наука и култура. Мислам дека оние што ги креираат политиките сè уште немаат доволно јасна претстава за вредноста на научните истражувања, особено во области поврзани со културата. Можеби бидејќи придобивките се подолгорочни и се однесуваат на бенефит и еманципација (социјална, културна, економска...) на целото општество. Финансиски изговори овде не држат вода. Но, специјалистите постојат, тие се овде и прават максимум од она што го имаат. Доволно е да има кој да ги праша и да ги слушне.


Малку одмор, па пак на работа

На што сте фокусирани во последно време?

- Во текот на 2018 година учествував во поголем проект на Институтот „Биосенс“ во Нови Сад и Лабораторијата за биоархеологија при Универзитетот во Белград. Проектот (BIRTH) е поддржан од Европскиот истражувачки совет (ERC) и истражува прашања поврзани со наталитетот, мајчинството, исхраната, здравјето и воопшто популационата динамика во раниот неолит на Балканот. Благодарение на воспоставената соработка со Бристол, се вклучив со истражување на исхраната во овој период на почетокот на земјоделството во нашите краишта, особено за значењето на млекото и неговата улога во раниот неолит. Работев на неколку локалитети во Србија (меѓу кои и епонимот Старчево) и Врбјанска Чука близу Прилеп. Мојот дел од овој проект заврши и во тек е подготовка на неколку публикации.
Во моментот течат подготовки за летната истражувачка кампања на три локалитети. Два се од палеолитот, во соработка со Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ (кои се институционални носители на проектите), потоа Музејот во Велес и со колеги од Археолошкиот музеј во Скопје. Имаме почетни разговори за соработка и со Нордиската лабораторија за луминисценција од Данска за поточно датирање на еден од локалитетите. Третиот е познатиот епонимен неолитски локалитет кај светиниколското село Амзабегово. Се надевам дека наскоро ќе имаме интересни резултати.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема