X
 26.06.2020 Образование

Збогум професоре Микулчиќ

„Драги колеги, сите имате избор. Или ќе сонувате да се вработите во некоја институција и цел живот ќе правите ,клати врата-земја плата’ или ќе направите нешто од себе“. Ова се зборовите на професорот Иван Микулчиќ, археологот кој ја имаше изодено Македонија долж и попреку и имаше евидентирано стотици археолошки ликалитети. Почина денеска, на 84 години.

Стотици студенти на Катедрата за историја на уметост и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје ќе се сеќаваат на неговите незаборавни предавања, живописно раскажани преку современите геополитички ситуации во светот. Ќе останат запамтени многу анегдоти за римските императори раскажани во „бункерот“ на Филозофски факултет, на големите археолошки локалитети, на терен. Студентите ги запишуваа неговите предавања кои беа толку интердисциплинарни, што буквално претставуваа мали необјавени книги по археологија.

Микулчиќ е роден е на 25 март 1936 година во Инѓија, Србија. Дипломирал во Белград на Филозофскиот факултет, група за археологија во 1958 година, каде докторирал на истиот факултет во 1965 година. Работел во музеите во Штип, Битола и Скопје, а од 1969 година и како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1978 година бил на студиски престој во тогашната СР Германија како стипендист на угледната Хумболтова фондација. Автор е на книгите: „Скопје со околните тврдини“, „Средновековни градови и тврдини во Македонија“ и „Антички градови во Македонија“, изданија на МАНУ, „Стоби, антички град“, „Хераклеја Линкестис, антички град во Македонија“, „Антички градови на Брегалница“, „Големи археолошки откритија“, на стотици трудови објавени во зборници и списанија. Нему му беше посветено второто издание на Меѓународниот архео-журнал Folia Archaeologica Balkanica.

Збогум професоре.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование