X
 19.11.2019 Живот

Фарските Острови ќе се затвораат за викенд за да се заштити животната средина

Властите на Фарските Острови најавија дека архипелагот што се наоѓа во Северниот Атлантик ќе биде „затворен за одржување“ во период од два дена во април кога туристите нема да бидат добредојдени. Наместо туристи, Фарските Острови ќе ги пречекаат волонтерите.

Во практика, на овие острови хотелите и меѓународните летови ќе работат, но популарните туристички места ќе бидат привремено затворени на 16 и 17 април наредната година. Настанот е продолжение на пилот-проектот спроведен во 2019 година кога 100 волонтери од 25 земји беа поканети на островите. Регистрациите за волонтерите ќе бидат отворени во среда во 15:00 часот и ќе останат отворени 24 часа, изјави канцеларијата за туризам.

Потоа, 100 луѓе по случаен избор ќе станат дел од тимот за одржување, на кои ќе им бидат понудени престој и храна, меѓутоа, волонтерите ќе мора сами да си ги платат авионските билети.

- Кревката природна средина на некои популарни туристички локации ги чувствува ефектите од зголемувањето на бројот на посетители - изјави првиот човек на канцеларијата за туризам, Гури Хајгард.

ostrovi
Фото: Niels Christian Vilmann/Ritzau Scanpix

- На овие области им е потребна помош за да останат чисти - додаде тој.

На првото организирање на настанот островите добиле околу 3.500 апликации и избраните волонтери помогнале со проекти како создавање патеки за пешаци и заштита на прибежиштата на птиците.

Архипелагот е популарна дестинација поради своите неверојатни пејзажи и карпи високи 30 метри, а се протега на 1.400 квадратни километри со 50.000 жители и 80.000 овци распространети на 18 острови.

Во 2018, 110.000 туристи ги посетиле Фарските Острови, а бројот на туристите беше зголемен за 10 отсто на годишно ниво во последните пет години.

Според Хајгард, затворањето заради одржување може да придонесе во меѓународната дискусија за прекумерниот туризам со тоа што ќе им покаже на туристите дека можат да бидат дел од решението.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот