По Втората светска војна на илјадници нацистички лидери им било дозволено слободно да заминат. За преживеаните Евреи, кои со години го гледале истребувањето на сопствениот народ, тоа едноставно не можело да помине. Наместо да остават правниот систем да ги осуди, група одмаздници одлучиле да ги земат работите во свои раце.
Како што се ближел крајот на Втората светска војна, десетици илјади преживеани биле ослободени од логорите на смртта. Сепак, дури и најголемите песимисти не можеле да ја предвидат големината на ужасот што бил откриен во првите месеци по мај 1945 година и тогаш станало јасно дека ќе биде невозможно да им се суди на сите одговорни нацисти.
На судењето во Нирнберг биле обвинети само 24 високи функционери, а до 1949 година биле осудени само околу 300 нацисти. Ова во практика значело дека голем број луѓе одговорни за холокаустот едноставно слободно си заминале.
За Евреите, кои најмногу страдале во Втората светска војна, ова било неприфатливо.
Лов на нацистите
Дека било неопходно правдата да се земе во свои раце, најпрво јавно кажа Аба Ковнер, борец за слобода, а подоцна и еден од најголемите израелски поети. Уште во 1945 година тој зборувал за Божја одмазда и казната што ќе ги снајде сите нацисти. Исто така, тој велел дека Евреите треба самите да овозможат таква судбина.
Како одговор на повикот на акција на Ковнер биле формирани неколку групи што планирале да ја извршат „Божјата волја“. Една од нив во историјата станала позната како „Нокмим“, што на хебрејски значи „Одмаздници“. Во неа имало околу 60 члена, претежно луѓе од логорите што преживеале, членови на еврејската британска бригада, но и волонтери од Палестина. Сите тие изгубиле семејства и пријатели во војната и барале одмазда поради тоа.
Групата тргнала во потрага во Германија и Австрија барајќи СС офицери и нацисти кои биле директно одговорни за смртта на Евреите.
Aба Ковнер
Фото: Wikimedia Commons
Маскирани како француски и британски војници, се проценува дека пронашле и убиле околу 300 мажи. Овие нацисти биле застрелани, задавени, прегазени или обесени, за нивната смрт да изгледа како самоубиство. Во една пригода „одмаздниците“ влегле во болница и му ставиле инјекција полна со керозин на поранешен службеник во Гестапо.
Ковнер смислил план што ги надминувал индивидуалните убиства. Заедно со другите одмаздници, тој планирал да стави отров во водоводот во пет града: Берлин, Минхен, Хамбург, Нирнберг и Вајмар. На тој начин требало да бидат убиени шест милиони Германци - колку што кои биле убиени Евреи во холокаустот.
Пред да се спроведе овој страшен план, Ковнер отишол во Палестина за да се сретне со Хаим Вајсман, кој набрзо потоа станал првиот израелски претседател.
Иако постојат индиции дека Вајсман прво го поддржал планот, други официјални лица го убедиле дека ваквиот драстичен чин ќе ја уништи секоја шанса за формирање израелска држава. Кога Ковнер се вратил во Европа носејќи го отровот со себе, бил уапсен и, за среќа, планот никогаш не бил спроведен.
План Б
Сепак, одмаздниците имале и план Б. Наместо да отрујат 6 милиони Германци, тие одлучиле на ист начин да ги убијат уапсените службеници на СС кои се наоѓале во сојузничкиот логор во Нирнберг. Еден млад Евреин, со сини очи и ариевски изглед, успеал да се вработи во затворската пекарница и малку по малку внесувал арсен.
Во април 1946 година еден пекар и уште тројца Евреи ставиле отров во 3.000 леба, од кои се разболиле околу 1.900 затвореници. Бројот на оние што починале никогаш не бил утврден со сигурност, но се проценува дека починале околу 1.000 лица.
Активностите на одмаздниците воопшто не ѝ се допаднале на владата на САД. Наместо да продолжи да се уништува Германија, Америка се надевала дека ќе успее да создаде сојузник од оваа земја што ќе помогне во борбата против Источниот блок. И Британците сакале да престанат убиствата, но армиите на овие држави не презеле ништо за да ги спречат еврејските џелати.
Приказна што историјата ја заборави
Одмаздата продолжила и во 50-тите години. Нацистите се рашириле низ целиот свет, но одмаздниците станале вистински експерти за нивно пронаоѓање. Тие успеале да стигнат до Александар Лик, нацист одговорен за смртта на 100.000 Евреи во логорот Јагал во Естонија и го натерале да изврши самоубиство. Тие го убиле и Пол Гислер, лидер на нацистичката партија во Минхен, како и Ернест Гравиц, СС доктор кој ги смислил гасните комори.
Приказната за „еврејските одмаздници“ била заборавена во децениите што следуваа. Лидерот на „Одмаздници“, Аба Ковнер, починал во 1987 година.
Дури на почетокот од 21 век почна да се зборува за активностите на овие борци. Засега, најпознат е ТВ-филмот „Оние што не забораваат“, кој премиерно беше прикажан во Израел во 2014 година, како и книгата на Рич Коен од 2001 година - „Одмаздници: Еврејската воена приказна“.
Фото: Haaretz