Повеќе од една деценија пред нацистите да ја преземат власта во Германија, Алберт Ајнштајн стравувал за иднината на оваа земја, според неговото писмо напишано рачно и неодамна откриено.
Неговиот долгогодишен пријател Евреин, германскиот министер за надворешни работи, Волтер Ратенау, бил убиен од десничарските екстремисти, па полицијата го предупредила физичарот дека и неговиот живот би можел да биде во опасност. Ајнштајн избегал од Берлин и се криел во северна Германија. Тогаш напишал писмо до неговата помала сестра Маја, предупредувајќи ја на опасностите од растечкиот национализам и антисемитизам години пред нацистите да дојдат на власт, кога бил принуден засекогаш да побегне од родната Германија.
-Овде никој не знае каде сум и се верува дека сум исчезнал. Настапуваат политички и економски тешки времиња, така што, среќен сум што сум во можност да побегнам од сето тоа - напишал Ајнштајн.
Писмото, за кое претходно не се знаело, го донел анонимен колекционер на аукција што наредната недела ќе се одржи во Ерусалим. Почетната цена на писмото е 12.000 долари.
Писмото е од 1922 година и покажува дека Ајнштајн бил загрижен за иднината на Германија цела година пред обидот на нацистите за првиот удар и преземањето на власта во Баварија.
-Ова писмо ги открива мислите што го прогонувале Ајнштајн во почетната фаза на нацистичкиот терор - вели Мерон Ерен, еден од сопствениците на аукциската куќа Кедем во Ерусалим.
Се верува дека писмото било напишано додека Ајнштајн бил во Кил пред да го започне неговото долго патување низ Азија, каде држел говори.
-Прилично добро се снаоѓам и покрај сите антисемити помеѓу германските колеги. Тука сум прилично изолиран, без врева и без непријатни чувства и си ги заработувам парите независно од државата, така што сфатив дека навистина сум слободен човек - напишал Ајнштај во писмото, најавувајќи го неговото патување.
Ова не било првото предупредување на Ајнштајн за германскиот антисемитизам, но покажува во каква состојба бил по убиството на неговиот пријател и егзилот што сам себеси си го наметнал.
Ајнштајн се откажал од германското државјанство во 1933 година, кога Хитлер станал канцелар и се преселил во САД каде живеел до смртта, во 1955 година.