X
 06.09.2020 Живот

Нацистичките градежни планови за Норвешка покажуваат што сакал да направи Хитлер со целиот свет

За време на германската окупација на Норвешка од 1940 до 1945 година имало голема градежна кампања за усогласување на оваа северна земја со новиот поредок на Хитлер. Од прекрасни автопати и идеални градови, до породилни центри за прочистена нордиска раса, плановите да се направи Норвешка во „ариевско“ општество ја разгореле фантазијата на нацистичките водачи.

Овие проекти имаат многу да ни кажат за тоа како Хитлер и неговите следбеници го замислувале светот под свастиката, кој тие почнале да го конструираат во Норвешка. Бидејќи големиот германски Рајх се ширел и се протегал над арктичкиот круг, нацистите не губеле време да остават свој белег на новите територии. Нивните напори за преобликување на окупираната Норвешка, вклучувајќи ги и секојдневни простори каде што луѓето живееле и работеле, ни даваат преглед на длабоко идеолошките средини што ги предвидел Хитлер во пресрет на неговата крајна победа, дури и во оние нации што ги сметал за потенцијални сојузници.

Нацистите верувале дека Норвежаните се расно (иако не културолошки) супериорни во однос на Германците, а Хитлер се надевал дека ќе ги придобие кон неговиот поглед на светот. Наместо да ги примени политиките на масовно истребување и робовски труд што ги користел во Источна Европа, тој им се додворувал користејќи пропаганда и стимулации. Со амбициозни проекти за архитектура и инфраструктура, Хитлер буквално и фигуративно се обидувал да им изгради мостови на граѓаните на Норвешка, внесувајќи ги во преклопот на неговиот голем германски Рајх. Сепак, и покрај тврдењата на окупаторите дека Норвежаните и Германците делат посебна врска како нордиски браќа, градежните шеми на Хитлер откриваат длабоко колонијален начин на размислување.

Неколку месеци по инвазијата во април 1940 година, нацистите почнале со планови за трансформација на норвешките градови и пејзажи. На овие промени во физичкото опкружување тие гледале предуслов за вклучување на Норвежаните во големиот германски Рајх и долгорочно присуство на германските владетели во оваа северна земја. Нацистите немале намера да се повлечат, па јавно им ветувале на Норвежаните дека окупацијата е само привремена мерка за да ги „заштити“ од британската агресија.

„Нордштерн“ бил најграндиозниот од проектите - целосно нов град за Германците што Хитлер му наложил на Алберт Спир да го дизајнира на фјордот Трондхејм, што требало да биде и огромна нова германска поморска база. Хитлер го замислувал Нордштерн како германски културен центар на северот, со германски уметнички музеј и оперска куќа, како и други луксузни удобности. Меѓу атракциите на оваа локација бил соседниот град Трондхејм и неговата поврзаност со викинзите, наследство што Германците сакале да си го присвојат за себе. Идејата за новата градска и поморска база била строго контролирана за да се избегне предизвикување на норвешкиот отпор.

Желбата на нацистите да создадат идеални урбани средини во окупирана Норвешка ја нагласува важноста на градското планирање за Хитлер и неговите архитекти, кои ги третирале урбаните простори како сцена за „Фолксгемајншат“, односно националната заедница. Дури и пред да ја преземе власта, Хитлер почнал со архитектонските основи за нова Германија, што подоцна ги обликувале и неговите идеи за градење империја. Германците вложиле значителни ресурси за да создадат физички средини што ќе го поддржат новиот социјален поредок во окупираната Норвешка.

hitler
Фото: Screenshot/YouTube

Иако окупаторите планирале монументални проекти, нивната поширока стратегија за интервенција во норвешките градови се фокусирала повеќе на соработка со постојните средини отколку на подигнување згради што се одвоени од нивните локации. Ова јасно го гледаме во шемите за реконструкција на 23 норвешки града оштетени во инвазијата во 1940 година.

Иако Хитлер го уверувал Видкун Квислинг, шефот на владата во Норвешка, дека Норвешка наскоро ќе ја врати својата независност, Германците сакале да останат тука долго време. Надвор од културната метропола замислена за себе, создавањето други ексклузивни германски простори укажува на вниманието на окупаторите кон сопствените потреби како владетели. Меѓу овие проекти бил и „Солдатенхајм“, културни и рекреативни центри што Хитлер ги нарачал за 400.000 германски војници стационирани во Норвешка.

Дизајниран и опремен, со кина во кои се прикажувале германски филмови, ресторани што служеле германска храна и ѕидови украсени со германска уметност, „Солдатенхајм“ претставувал автономен германски свет што го зајакнувал националниот идентитет на трупите во странска земја.

Хитлер нарачал и автопат што би се протегал од Трондхејм до Берлин. Ваквите системи за транспорт би ги споиле перифериите на европската империја на Хитлер со нејзиниот центар, Берлин. Автопатот до Трондхејм бил дизајниран и за да ги охрабри германските туристи, возејќи го својот „фолксваген“, да се запознаат со северниот дел на нивната империја. Хитлер верувал дека како резултат на неговите победнички војски, овој вид патувања ќе им помогнат на Германците да се идентификуваат со новите територии на големиот германски Рајх, подготвувајќи ги да се борат за нивно задржување во иднина.

Кога гледаме во Норвешка, не само што се гледаат нацистичките идеали за нордиско братство, туку и пошироко, и како тие ги замислувале своите односи со освоените региони - особено Северот, место и физички и мистично за нив.

Нацистите сметале дека инвазијата во Норвешка е враќање дома: тие тврделе дека Германците потекнуваат од Северот и конечно се враќаат таму, правејќи ја земјата повторно своја. Градењето било централно во нивната стратегија за доминација и повторно присвојување. Поради сите овие причини, нацистите вложиле огромни ресурси во обидот да се преуреди Норвешка. На крајот на краиштата, таа трансформација била во служба на нивната замислена ариевска империја и нивната улога како нејзини господари. За среќа, таа империја никогаш не се појавила - но во овие северни градежни блокови лежи впечатлива трага за длабочината на нацистичката желба да создадат тотални светови.

Извор: Time.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот