„Проект за видовите на Земјата“ е американска непрофитна организација која сака да ја декодира комуникацијата со животните со помош на вештачка интелигенција. Неодамна ја сподели веста дека собрала 17 милиони долари од донации.
Проектот планира да ги искористи парите за да го „удвои“ својот истражувачки тим за вештачка интелигенција. Тимот, кој сега има осум члена, моментално проучува примероци на звуци од птици и работи на ран модел сличен на „Чет-ГПТ“ само за животни. Крајната цел на организацијата е истражувањето да го промени начинот на кој луѓето го гледаат своето место во природниот свет.
- Во текот на изминатите две години вештачката интелигенција ни покажа дека сè што може да се преведе ќе биде преведено. Како што телескопот ни помогна да сфатиме дека Земјата не е во центарот на Сончевиот Систем, нашите алатки ќе ни овозможат да сфатиме и дека човекот не е во неговиот центар - вели Аза Раскин, еден од основачите и претседател на проектот.
Пред 11 години Раскин слушнал приказна за гласовите на мајмуните и првпат се запрашал дали комуникацијата со животните може да се декодира. Пет години подоцна тој го основа проектот „Видови на Земјата“ заедно со поранешните работници од Силициумската долина - Брит Селвител (која беше во основачкиот тим на Твитер) и Кејти Закаријан (една од првите вработени во Фејсбук).
Организацијата сака да им овозможи на луѓето да комуницираат со другите видови - или барем да разберат што велат тие - до 2030 година. Нивни тековни проекти се врани, китови и зебри.
Раскин вели дека „хуманизацијата“ на животните може да ги поттикне луѓето да бидат погрижливи, да почнат повеќе да размислуваат за биолошката разновидност, што ќе помогне да се спасат планетата и човечкиот род.
Тој додава дека пристапот до податоци за обука на модели во моментов е најголемиот предизвик. За разлика од големите јазични модели кои можат да се обучат за сè што нуди интернетот, проектот „Видови на Земјата“ треба да собира аудиоснимки од различни животински видови. Тешко е да се разберат податоците за животните. Дури и со сите информации што веќе ги има здружението, исклучително е комплицирано да се одделат индивидуалните животински звуци од бучавата од околината. Постои и дополнителен проблем - што нема многу пари за финансирање на модели со вештачка интелигенција за комуникација со животни.
Раскин ги споредил новите донации со инвестиции во стартапи. Биолозите го користат нивниот модел за декодирање на снимките од теренот, а нивното рано истражување може да покаже какви звуци, на пример, испушта враната кога го напушта гнездото.
-Сè што ни треба се пари - заклучил Раскин.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: Freepik