X
 14.04.2021 Наука

Научниците предупредуваат дека следува масовно изумирање на морските животни околу екваторот

Најголема биоразновидност на екосистемите во океаните најчесто има во тропските води околу екваторот. Меѓутоа, како што растат температурите, морските животни веројатно ќе мора да мигрираат во сè поголем број.

Климатските промени и растечките температури веќе предизвикуваат масовни миграции во кои животните бегаат од екваторот, покажува истражување на научници од Австралија. Според научниците, можеби се наоѓаме на прагот на масовно изумирање предизвикано од претоплата вода околу екваторот и нарушувањето на екосистемот што ќе го предизвикаат организмите при миграцијата.

- Кога тоа се случило пред 252 милиони години, изумреле 90% од сите видови морски животни - напишале научниците.


Фото: Pixabay

Во истражувањето научниците анализирале речиси 49.000 различни видови во океанот за да видат каде се движат. Нормално, само неколку видови се во близина на Северниот и Јужниот Пол, а многу повеќе околу екваторот. Оваа распределба сега се менува, според истражувањето. Се појавуваат два центри од секоја страна на екваторот кои покажуваат дека огромен број видови се оддалечуваат од екваторот во двете насоки.

Како што мигрираат, овие видови ќе се борат за храна, простор и други извори со другите видови на новите локации, а притоа многу видови веројатно ќе изумрат. Ова претставува закана за биодиверзитетот и екологијата на планетата, но и за луѓето што зависат од одредени видови за храна и приходи. Сето тоа бара побрзи акции за решавање на климатските проблеми, пренесува „Фјучуризам“.

Автор: Ден Робитски
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука