Децата често фантазираат за своја куќичка на дрво, место каде што можат да си играат со пријателите. Јапонец го претвори својот детски сон во реалност, но за возрасни. „Трифул“ е еден од најнеобичните хотели во Јапонија, изграден од Сатору Кикугава.
Неговата визија била да постигне едноставност и практичност, а уште како дете сакал да изгради куќа на дрво. Додека бил на одмор во Борнео, видел шума која била целосно исечена и опустошена, а тоа дополнително го мотивирало. Размислувал како да ја спаси животната средина која може да обезбеди приход за локалното население.
Кикугава купил земја во Окинава и тогаш се родил хотелот „Трифул“, едно од најфотографираните места во Јапонија во моментов. Хотелот содржи четири куќички на дрво, секоја изградена во согласност со природата, за да не се нарушува хармонијата. Сите тие се подигнати од земја за животните да можат непречено да минуваат. Хотелот бил отворен во 2021 година.
Секој тоалет е специфичен, отпадот се користи како компост, а водата се стерилизира со ултравиолетова светлина. Подовите и таванот се направени од дрво, така што сончевата светлина сè уште може да помине низ куќата и да им даде енергија на растенијата што растат долу. Декорот во собата, како што се светилки и полици за книги, исто така е направен од камења и гранки кои се наоѓаат во шумата.
Извор:
Ekapija
Насловна фотографија:
Treeful