Во обид да ја врати публиката во киносалите, еден хотел смисли нов концепт.
Станува збор за хотелот „Парадизо“ во Париз, посветен на сите љубители на киното. Кога ќе влезете во зградата, ќе ги видите ѕидовите украсени со филмски постери и фотографии, додека во фоајето ќе можете да прелистувате книги со филмски теми. Најдоброто од сè е тоа што ќе спиете во соба која лесно се претвора во ваше приватно кино.
Тоа е вистински рај за љубителите на филмот што можете да го доживеете само во Градот на светлината.
Секоја соба е уникатна, но сите ви овозможуваат да го претворите вашиот престој во вистинска кинематографска оаза.
Хотелот има 36 соби и сите имаат ласерски видеопроектор и екран широк 3 метри кој се спушта од таванот со притискање копче. Сето ова се контролира преку таблет со екран на допир достапен во секоја соба.
Кога гостинот ќе го избере својот филм, завесите се креваат и филмот може да започне.
Секоја соба има и брачен кревет, опција за „плејстејшн 5“ и повеќе од 2.000 достапни филмови. На покривот на хотелот има уште едно отворено кино со поглед кон Ајфеловата кула.