„Амазон“ наводно паузира од плановите за враќање на вработените во канцеларија поради недостиг на канцелариски простор.
Компанијата првично планираше да ги врати сите вработени во канцеларија пет дена во неделата, почнувајќи од 2 јануари 2025 година, но одредени локации сè уште не се подготвени да ја примат целата работна сила. Вработените во градовите Атланта, Хјустон, Нешвил и Њујорк добиле известувања дека можат да продолжат со нивните хибридни работни аранжмани (работа од дома), додека нивните канцеларии не бидат подготвени. Одложувањата може да се прошират до мај, иако „Амазон“ очекува поголемиот дел од работните простории да бидат подготвени до јануари.
Уште во средината на септември извршниот директор на „Амазон“, Енди Џеси, испратил белешка до персоналот во која ја навел одлуката на компанијата за враќање назад во канцеларии како претходно, пред пандемијата.
Во средината на октомври извршниот директор на веб-услугите на „Амазон“, Мет Гарман, ја засилил ригидната политика во канцеларијата, тврдејќи дека иновацијата не може да се случи „ако вработените не се присутни лично“. Таа изјава брзо се соочила со реакции од вработените, особено оние што се навикнати на флексибилноста на далечинско работење, кои рекле дека се „згрозени“ од забелешките. Новата петдневна политика е исто така построга од онаа што постоела пред пандемијата - и поригидна од некои од конкурентите на „Амазон“.
Ова не е првпат плановите за лично присуство на „Амазон“ да бидат попречени. Кога минатата година компанијата прво побарала од вработените да се вратат во канцеларијата три дена во неделата, многу локации не биле подготвени да ги сместат сите работници. Сега, додека „Амазон“ работи на решавање на овие проблеми со просторот, на вработените им се кажува да се подготват за целосно враќање до целниот датум, без разлика дали нивните назначени работни простори се подготвени.
Во меѓувреме, други големи трговци на мало, како „Старбакс“ и „Волмарт“, исто така воведуваат сериозни политики за враќање на вработените во нивните канцеларии.
Извор: qz.com
Фото: Freepik