Во последниве месеци Австралија ѝ го привлекува вниманието на светската јавност поради предложен закон кој ќе ги принуди технолошките гиганти „Фејсбук“ и „Гугл“ да им плаќаат на медиумите во земјата. Доколку се донесе, законот може да им нанесе глобални последици на технолошките фирми и начинот на кој ги добиваме вестите на интернет. Меѓутоа, двете компании се борат против тоа, а последната вест е дека „Фејсбук“ ги блокира медиумските содржини во Австралија.
Зошто постои спор помеѓу компаниите и Австралија?
Технолошките фирми доминираат над медиумските организации кога станува збор за начинот на кој луѓето ги добиваат вестите. „Гугл“ е најкористен пребарувач во Австралија, а социјалните мрежи се главен извор на вести. Според извештај на „Ројтерс“ од 2020 година, 52% од испитаниците од Австралија во анкета изјавиле дека главен извор на вести им се социјалните мрежи, со „Фејсбук“ на врвот на листата со најкористени извори на медиумски содржини.
Во 2018 г., владата на Австралија отворила истрага за влијанието на „Гугл“ и „Фејсбук“ врз конкурентноста на пазарот и било заклучено дека технолошките фирми се во голема предност пред медиумите. Затоа бил предложен закон кој треба да ја подобри ситуацијата. Владата го предложила законот во јули минатата година, на што компаниите реагирале со закана за повлекување од државата.
Што се предложува со законот?
Во законот Австралија предлага технолошките компании да им плаќаат на медиумите за нивните содржини, иако не се прецизира вредноста на потенцијалната исплата. Со законот, медиумските агенции би можеле да преговараат со технолошките фирми за содржината што се појавува на нивните платформи и во резултатите при пребарувањето. Правилото првично би се однесувало на „Гугл“ и „Фејсбук“, но подоцна би можело да се примени и на други технолошки компании.
Фото: Pixabay
Зошто Австралија го прави ова?
Владата тврди дека технолошките гиганти треба да им плаќаат на медиумите за нивната содржина, особено со оглед на потребата од финансиска поддршка во секторот. Медиумските компании лобирале за владата да ги донесе овие промени бидејќи имаат намалени приходи од реклами. Од друга страна, од „Фејсбук“ велат дека медиумите добиваат вредност и заработуваат преку објавување на нивните содржини на социјалната мрежа.
Но, регулаторот за конкурентност на пазарот во Австралија вели дека за секои 100 долари потрошени на рекламирање, „Гугл“ добива 53 долари, „Фејсбук“ добива 28 долари, а остатокот се дели помеѓу другите вклучени страни.
„Фејсбук“ неодамна изјави дека го блокира споделувањето и читањето вести на социјалната мрежа во Австралија. „Гугл“ претходно се заканил дека ќе се повлече од Австралија доколку се донесе законот, иако сега работи на постигнување договори со медиумските агенции во Австралија според кои компанијата би им плаќала на медиумите.
Дали ова може да влијае врз светот?
Некои политичари и медиумски експерти во Австралија мислат дека слични правила може да се доведат и на други места во светот. Според едно ново правило во Европската Унија, пребарувачите и агрегаторите на вести треба да им плаќаат на медиумите за објавување на нивните наслови. Во Франција мал дел од медиумите неодамна постигнаа сличен договор со „Гугл“.
Што е следно?
Многу политичари го поддржуваат законот и тој бил одобрен во Долниот дом на парламентот. Доколку биде одобрен во Сенатот, тој може да биде прегледан дури по една година.
Извор: bbc.com