X
 20.02.2022 Технологија

За што служеа разнобојните форми што се појавуваа на старите телевизори?

Многумина се сеќаваат на разнобојните форми и иритантниот звук што повремено се појавуваа на старите телевизори. Овие форми имаат име. Тие се нарекуваат тест-карти или тест-шаблон.

Оваа слика се појавувала во моментите кога трансмитерот е активен, но не емитува програма. Тест-картите биле пуштани на почетокот и на крајот од секое емитување програма, а разнобојните форми најчесто беа следени со едноличен тон, иако некои станици користеле радиосигнал или пуштале инструментална музика.

Тест-картите се стари колку и телевизијата. Прво се користеле вистински, физички картички во кои би била насочена камерата, а подоцна почнал да се користи снимен материјал.

Станува збор за техничка работа. Главната цел на оваа слика била калибрација на сигналот, односно нагодување на камерите и приемниците за правилно да ја прикажуваат сликата. Со картичките, телевизиските станици, но и гледачите, можеле да ги нагодат уредите за да добијат оптимален квалитет на сликата.


Затоа, ништо на тест-картичките не било случајно. Кругот бил користен за нагодување на линеарноста во време кога во телевизорите се користеле катодни цевки. Додека приемниците биле црно-бели, биле користени картички со нијанси на црна и бела боја. Но со телевизијата во боја почнале да се користат картички со форми во различни бои.

Овој шаблон секогаш бил ист. На тест-картичките се наоѓале и нијанси на црна боја кои овозможувале да се наместат јачината на светлината и контрастот на екраните.

Најпознатата тест-картичка ја направила компанијата „Филипс“ во 1966 година. Содржината и формата биле дело на инженерите Фин Хендил и Ерик Хелмер Нилсен. Шаблонот бил користен во Велика Британија, Канада, САД, на Филипините, Јапонија, Австралија, Шпанија и многу други земји.

Сега не се користат вакви тест-картички бидејќи не е потребно нагодување на сликата благодарение на дигиталниот сигнал кој се користи од страна на станиците. Освен тоа, повеќето станици денес емитуваат програма во текот на целиот ден, па нема симболично започнување и завршување на работниот ден.

Извор: Studenti
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија