Видеоснимки направени со помош на вештачка интелигенција, кои будат спомени од детството, станаа вирални на социјалните мрежи.
Автор на видеата е Горан Аврамовиќ од Аранѓеловец, кој се занимава со снимање музички спотови, комерцијални реклами и различни видеопроекти.
На видеото може да се слушне песната на Дадо Топиќ „Ја хочу живот“, а се редат сцени од летувања, детски игри, семејни вечери...
- Подобар живот, тоа некогаш го живеевме. Се сеќаваш на ова? Време кога се вреднуваа луѓето, а не работите. Кога животот течеше побавно, а насмевките беа искрени - стои во описот на видеото.
Авторот ги повикува луѓето во коментарите да ги наведат омилените спомени од 90-тите, што многумина и го направија.
Идејата за видеата
Аврамовиќ објаснува дека идејата не произлегла од желба да се следи тренд, туку од потреба да се потсетиме малку да забавиме.
- Живееме во време кога сите постојано трчаме по нешто: по пари, успех, лајкови, обврски, додека животот поминува речиси незабележано. Сакав да направам видеоформа која ќе ги врати луѓето барем на момент во друг ритам. Преку ВИ носталгични снимки се обидувам да ги разбудам спомените за време кога немаше напредна технологија, кога деновите поминуваа побавно, кога луѓето повеќе се дружeа, кога семејството, соседството и едноставните моменти имаа поголемо значење. Можеби тогаш имавме помалку материјално, но чувството на заедништво и внатрешен мир беше посилно - вели тој.
Авторот нагласува дека не сака да ги идеализира 90-тите, туку да ја потсети публиката на вредноста на едноставните моменти.
- Мојата цел не е да го идеализирам минатото, ниту да го негирам современиот начин на живот, туку да потсетам на вредноста на едноставните моменти. На детството без телефони, на мирисот на село, на зимските вечери покрај печка, на летните ноќи надвор, на чувството на побавен и потивок живот - заклучува тој.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot (Instagram/videoprodukcija)