Почитувани родители (сегашни и идни),
Знам дека како родители сте особено чувствителни кога станува збор за воспитувањето на вашите деца, и дека по некој природен закон за вашите деца го сакате само најдоброто. Но, мислам дека го испуштивме од раце она за нас најважното и најсветото. Нашите деца. Не ве осудувам. Напротив, ве сфаќам и ве молам. Ве молам за доброто на моето, вашето и било кое дете, отворете ги очите погледнете во што нашите деца растат, какви вредности усвојуваат, какви идоли имаат, кон што се стремат и за што мечтаат. Сосема сум сигурна дека не сакате вашите ќерки да станат старлети, а вашите синови криминалци. Никој не сака. Но, во трката за работа, пари и егзистенцијализам несвесно ги пуштаме нашите деца да паднат.
Разговарајте отворено со вашите деца додека се мали. Ќе ве сфатат. Објаснете им и покажете им. Поставете систем на вредности. Бидете им пример.
Кажувајте им на вашите ќерки дека се убави онакви какви што се. Дека не им се потребни поголеми гради, ниту поголеми усни и дека се совршени онакви какви што се. Научете ги дека се' што ќе посакаат можат сами да го реализираат. Кажете им дека не треба да го продаваат телото, младоста и убавината. Бидејќи ниту една чанта, фустан, автомобил, ниту статус во општеството не се повредни од самите нив. Дека тоа е продажба која ќе ја преплатат, а животот „кусур“ не враќа.
Кажувајте им на вашите синови дека интелигенцијата е посилна од набилданите мускули. Кажете им дека нивната мајка ја освои татко им со шарм, духовитост, издржливост, интелигенција, а не добар автомобил, скап телефон и дизајнерски костум. Дека ѝ подаруваше стихови, цвеќе, внимание и дека таа бескрајно и искрено го сакаше и се'уште го сака и покрај сите години, кризи и битки. Научете ги да се сакаат себеси без оглед на ширината на нивните рамена. Тие се совршени онакви какви што се. И дека секогаш ќе постои некој што ќе ги сака онакви какви што се.
Разговарајте со вашите деца. Дајте им слобода колку што дозволуваат нивните години. Набљудувајте ги. Обрнувајте внимание - што сакаат, на што се радуваат, со кој се дружат, што облекуваат. Знам, времињата се променија, но никој не може да ме убеди дека дојдоа времиња во кои таткото ја охрабрува својата 13 годишна ќерка да шета полугола до 5 часот наутро. Свесна сум дека понекогаш ви е тешко да поставите критериуми, да бидете строги и да им скратите на вашите деца некои работи. Но, морате! Вашето дете е само ваша одговорност. Вие сте и виновни и заслужни. Поразлично не може и никогаш не може да биде, какви и да се времињата во кои живееме.
Поставете граници за вашите деца, еден ден ќе ви бидат благодарни. Не дозволувајте да гледаат „Парови“, „Големиот брат“ и слични шоуа, бидејќи лудо е на вашите деца да им кажувате дека она што тие го прават таму не е во ред, а вие самите го гледате. Така само повеќе ги привлекувате кон тоа, бидејќи и за вас е интересно она што ви го забрануваат. Признајте. Бидете искрени со себеси. Бидете искрени и со нив.
Дали свесно или несвесно, но ние им ги плаќаме хонорарите, ги подигнуваме тиражите, им даваме значење со секое гледано видео, секој лајк, секоја прочитана статија. Ние ги создаваме старлетите, спонзорушите, искомплексираните мажи. Ние им аплаудираме и ги поттикнуваме да продолжат. Бидејќи, претставата не се игра во празен театар (иако ова повеќе е циркус отколку театар). И затоа ве молам, променете ја програмата, изгаснете го телевизорот, затворете ги весниците. Вперете прст во она што не одговара. Газете го неморалот со морал. Ставете крај на проституцијата на разумот. Именувајте ги работите со вистинското име. Олошот, кичот и развратот никогаш не можат да бидат култура. Ниту пак комедија. Не дозволувајте самите да ги насочите децата на пат кон уништувањето.
Поставете ги работите јасно и реално. Дозволете едноставното навистина да биде едноставно. Објаснете им на вашите деца: глумецот мора добро да глуми, пејачот мора добро да пее, докторот мора добро да лекува, пекарот мора добро да прави добар леб, ѕидарот мора добро да ѕида. Секоја друга опција е погубна, и кога тогаш се покажува како штетна. А времето и животот поминуваат, денес веќе е доцна да се коригираат грешките од вчера. Данокот е веќе земен. Вчера!
Веројатно ме прашувате, зошто ви се обраќам? Зошто едноставно не ги воспитувам своите деца вака? Од каде потребата да комуницирам со вас? Потребни ми сте. Не можам сама. Не можам без вас. Вашата ќерка можеби е најдобра другарка на мојата ќерка. Нашите синови се можеби другари од училиште. Можеби еден ден мојата внука ќе се заљуби во вашиот внук. Тогаш моето или вашето воспитување не е доволно. Доаѓаме до, истовремено, доброто и лошото влијание на општеството кое јасно ни кажува дека ако потфрлиме како родители, сме потфрлиле и како општество. Затоа, ве молам, внимавајте на вашите деца. Изгаснете ги „среќните“ и „розови“ телевизии, и објаснете им дека животот има многу повеќе бои. Научете ги дека и среќата и тагата се добри ако знаеме да патуваме низ нив.
Пишува: Лилјана Шпаниќ
Извор: Детињарије