X
 20.03.2017 Култура

Шведска е идеална земја за жените, еве и зошто

Шведска неодамна е прогласена за најдобра земја на светот за жените. За достигнување на овој статус им требаа неколку децении сериозна работа на рамноправност на половите.

Аса Регнер, шведската министерка за еднаквост на половите, вели дека неколку фактори придонеле за ова. Кога се зборува за главно обележје на нордискиот тип на владеење, тоа упатува кон данокот на приход, кој е многу висок. Регнер истакнува дека шведскиот успех во зајакнувањето на правата на жените е во тесна врска со начинот на оданочување, пишува „Индипендент“.

„Индивидуалното оданочување едноставно е техничка работа“, вели таа и објаснува дека венчаните парови во Шведска не пријавуваат заеднички поврат на данокот уште од 1971 година. Без оглед на брачната состојба, секое лице добива индивидуални даночни олеснувања во зависност од своите лични потреби, а не според колективните потреби на своето семејство.

„Нашата цел е секој поединец, без оглед на полот, да излезе на пазарот на труд. И сметам дека токму таквиот став и тоа што го направивме уште во седумдесеттите години, создава позитивен круг кој влијае врз политичарите“, вели Регнер.

Шведска има една од најинспиративните политики на породилно отсуство на светот. Родителите можат меѓусебно да ги поделат законски загарантираните 480 денови на отсуство, кога добиваат 80% од платата и кои можат да ги користат додека детето не наполни осум години. Регнер потенцира дека според статистиките, 75% од ова време го користат мајките, а татковците 25%, но зацртаната цел е односот да се изедначи на 50:50.

Бројни истражувања покажуваат дека ваквите политики се идеални за поттикнување на жените да учествуваат на пазарот на труд.

Дополнително, од 2008 година во Шведска постои закон против дискриминација кој им налага на компаниите со минимум 25 вработени, секоја година да објавуваат извештај со анализа за разликата во висината на платите меѓу мажите и жените. Компаниите кои не преземаат мерки за намалување на разликите, плаќаат казни.

Регнер исто така истакна дека во последно време се соочуваат со повеќе предизвици, земајќи го предвид големиот број на имигранти од азиските земји кои доаѓаат со веќе усвоени поинакви вредности и права на жените. „Едукацијата, особено за правата на жените и превенцијата на насилства како и очекувањата на државата од своите граѓани, засега помагаат. Но, сè уште имаме многу работа“, заклучува таа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура