X
 10.01.2020 Наша тема

Промовираме едукација, знаење, наука, неопходна ни е поголема поддршка од државата. Македонското географско друштво одбележува 70 години

Во интервјуто со Апостоловска-Тошевска разговараме за предизвиците и достигнувањата на МГД, за состојбата и третманот на географијата во институционални рамки

Немањето подмладок на кадарот на Институтот за географија и недостигот на учебници за географија за основно образование се главните проблеми со кои се соочува оваа наука во Македонија денес, вели д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, професорка на Институтот за географија и претседател на Македонското географско друштво (МГД). Асоцијацијата деновиве одбележува 70 години од основањето. Во интервјуто со Апостоловска-Тошевска разговараме за предизвиците и достигнувањата на МГД, за состојбата и третманот на географијата во институционални рамки.

Што би издвоиле како највисоки достигнувања на асоцијацијата во изминатите седум децении?

- Највисоките достигнувања се поврзани со промовирање на географијата на различни полиња на работа. Тешко е да се издвојат најголемите достигнувања - сите од нив се за поздравување во времето и условите кога се реализирале.

Членовите на МГД денес

Би напоменала само дека се големи достигнувањата во реализацијата на натпреварите по географија кај учениците од основните и средните училишта, учеството на Светската олимпијада IESO во Јужна Кореја и освојувањето на бронзениот медал, достигнувањето во континуираното едуцирање на наставниот кадар преку семинари, одржаните симпозиуми, потоа петте конгреси на географите одржани од 1991 година наваму итн. Листата е долга и се пишува од 1949 година, кога група ентузијасти географи, визионери и луѓе кои ја консумирале географијата со ум и душа ги поставиле основите на денешното географско друштво.

Во друштвото членуваат различни профили на географи – од универзитетски професори до наставници во средни и основни училишта. Зошто е важно за образовниот систем сите вие да комуницирате/соработувате?

- Во меѓусебната комуникација и соработка имаме можност да споделиме искуства. За нас, кои сме во високото образование, од исклучително значење е да ги слушнеме искуствата на професорите кои ја предаваат географијата во основните и во средните училишта.

Д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, претседателка на МГД

За нив е важно споделувањето на нашите научни сознанија кои можат да ги применат за збогатување на квалитетот на наставата. И едните и другите имаме потреба од континуираното учење и професионална надградба и сите имаме единствена цел да ја претставиме географијата во најдобро светло. Само со заеднички сили можеме да ја оствариме целта.

Колку државата се грижи и ги поддржува научните друштва, во поглед на научни истражувања, проекти?

- Друштвата како Македонското географско друштво имаат значајна улога во општеството и државата треба да настојува да го одржува и стимулира нивното работење. Постојат обиди, но се чини дека е потребна уште поголема поддршка и внимание. Друштвата од овој вид промовираат вистински вредности: едукација, знаење, наука.

Ваша матична институција е Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Каков е интересот за студирање географија?

- Со оглед на постојните демографски случувања во земјава, задоволни сме од заинтересираноста за студирање географија. Сметам дека тоа се должи на добрите наставни програми и без лажна скромност би рекла инспиративниот и квалитетен професионален професорски и асистентски кадар.

Од одбележувањето на јубилејот / Фото: МГД

Институтот за географија е една од најстарите високообразовни институции во земјава, чии основи се поставени во далечната 1922 година. Горди на својата ,,старост“, се трудиме да продуцираме квалитетен кадар каков што ни доликува.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочува науката географија во Македонија денес?

- Во поглед на поле на истражување, фокусот на географското научно внимание е насочен кон следење на демографските случувања и проблемите што произлегуваат од актуелната разместеност на населението, просторното уредување, потоа потребата од заштита на животната средина, заштита на природното наследство (геопарковите), ерозијата како голем проблем, потенцијали за туризам итн. Од аспект на нејзино изучување, проблем има со недоволниот подмладок, кој е потребен на Институтот за географија. Со четири насоки (наставна, географски-информациски системи, туризам и демографија) и постојната бројка на студенти, очигледно е дека постои потреба од млад кадар, кој ќе го гради своето образование и знаење под менторство на постојните професори. Истовремено проблем кој секако не треба да го заобиколиме е немањето учебници по географија во основното образование, со што се отежнува реализација на наставата по географија. Засегнати сме од состојбите и се надеваме на скоро решавање на проблемот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема