X
 26.05.2020 Наука

Кои се најголемите полуострови на континентите? Прв дел – Азија

Полуостров претставува копнена површина, обиколена со вода од три страни, а од четвртата страна е поврзана со континенталното копно.

Секој континент има различна брегова разгранетост, некои континенти имаат поголем број на полуострови и тие се поизразени, додека пак кај некои континенти бројот на полуострови е помал и тие се помалку изразени. Но, кои се најголемите полуострови на секој континент?

Азија е најголемиот континeнт во светот со површина од околу 44.5 милиони km2. Се карактеризира со голема брегова разгранетост, претставена со голем број на заливи, острови, островски групи, протоци и полуострови. Излегува на три океани и на околу 15 мориња, а бреговата разгранетост е најголема кај источниот и јужниот брег.

Континентот Азија има околу 10 поголеми полуострови. Во северниот брег се наоѓаат полуостровите Тајмир кој излегува на Карско Море, Јамал кој излегува на Карско Море и Лаптевско Море и Чукотскиот полуостров кој излегува на Чукотското Море и Беринговото Море. На источниот брег се наоѓаат полуостровите Камчатка, кој излегува на Чукотското Море и Беринговото Море, полуостровот Кореја, кој излегува на Јапонско Море и Жолто Море и полуостровот Шантунг кој излегува на Жолтото Море. На Јужниот брег се наоѓаат најголемите полуострови од Азија, Индокинескиот, кој излегува на Јужно Кинеско Море и на Андаманско Море, Индискиот полуостров, кој излегува на Арабиско Море и на Индискиот океан и Арабискиот полуостров, кој излегува на Црвено Море, Арабиско Море, Персиско Море и на Индискиот Океан. На западниот брег се наоѓаат полуостровите Мала Азија кој е обиколен со водите на Црно Море, Егејско Море и Средоземно Море и Синајскиот полуостров, кој е обиколен со водите на Црвеното море.

Од сите овие полуострови најголем полуостров на континентот Азија е Арабискиот полуостров, кој воедно е и најголемиот полуостров во светот со површина од околу 3,2 милиони km². Се наоѓа во југозападна Азија, поврзувајќи ја Азија со континетот Африка. Полуостровот e формиран во периодот пред 23 милиони како резултат на одвојувањето на Арабија од Африка и поврзување со Азија, а на тој начин е создадено Црвеното Море. На југозапад, полуостровот граничи со Црвено Море, на југоисток со Арапско Море, на североисток со Омански Залив.

Арабискиот полуостров може да се опише како огромно плато кое од три страни се каратеризира со високи и стрмни крајбрежни делови, и пониски и поблаги делови во северо-источните делови кај Персискиот залив. Највисокиот врв на полуостровот е Ал Наби Шушајб висок 3.660 метри, и се наоѓа на околу 25 километри северозападно од главниот град на државата Јемен, Сана.

Арабискиот полуостров е речиси целосно пустински и се одликува со сурови услови за живот, па затоа и во одредени делови има мал број на население. Тука се наоѓаат поголемите пустини Голем Нефуд и Мал Нефуд и пустината Ал Дехна. Пустините Голем и Мал Нефуд се лоцирани во северно-централниот дел на Саудиска Арабија. Карактеристични се по нивните ненајдени силни ветрови кои формираат големи песочни дини во форма на полумесечина. Песокот во овие пустини има црвена боја како на тулите. Во текот на годината можна е појава на врнежи од дожд меѓутоа тоа е многу ретка појава.

Климата на Арабискиот полуостров е исклучително сува, но во одредени делови и влажна. Температурата во текот на летните периоди може да достигне и преку 50 °C. Арабискиот полуостров во текот на годината добива многу мали количества на врнежи од дожд. Со оглед на недостаток на врнежи, Арабискиот полуостров има неколку езера и постојани реки и се одликува како исклучително сув предел што не е погоден за населението. Неколкуте реки кои постојат во регионот се познати како „вади“ и истите имаат вода само за време на вернежливиот период, а во остатокот на годината, вадиите се суви.

Сувата клима, во комбинација со недостаток на достапна вода, не дозволува голем развој на земјоделството. Единствено место кое е погодно за одгледување на некои култури е во близина на оазите, кои се наоѓаат претежно во низински области, имено во близина на планината Хејаз, постојат оази каде се одгледуваат некои видови на зеленчук, јачмен и овошје.

На Арабискиот полуостров живеат околу 90 милиони жители во следниве држави: Саудиска Арабија, Јемен, Оман, Обединети Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт.

Арабискиот полуостров се смета за лулка на арапскиот јазик кој се проширил надвор од полуостровот во времето на експанзијата на исламот во 7 век.

Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија
Извор: igeografija.mk
Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука