X
 02.01.2023 Здравје

Колку долго треба да останете дома по настинка или грип?

Речиси секоја година се разболуваме од настинка или грип, но дали знаеме колку долго треба да останеме дома пред да се вратиме на секојдневната рутина?

Експертите се согласуваат дека најдобро е да се остане дома сè додека имаме сериозни симптоми, како кашлање, повраќање, дијареја, температура или умор, бидејќи тогаш може да бидеме заразни. Се препорачува да се остане дома најмалку 24 часа откако се намали температурата, освен доколку не мора да одите на лекар.

Освен тоа, одморот е важен дел од оздравувањето од која било болест, така што постои уште една причина поради која треба да се мирува. Брзината на оздравување зависи од имунитетот. Генерално, здравите луѓе обично оздравуваат од настинка за 7-10 дена.


Фото: Freepik

Симптомите на грип, вклучувајќи ја и високата температура, треба да исчезнат по околу 5 дена, но може да се чувствувате слаби или да кашлате уште некој ден. Сите симптоми би требало да исчезнат во рок од една седмица или најмногу две седмици.

Овие вируси може да се развијат во сериозни болести, како воспаление на бели дробови кај лицата со слаб имунитет, астма или други респираторни проблеми. Затоа, периодот на лекување може да биде подолг кај оние со некоја хронична болест.

Кога се шират настинката и грипот?

Настинката е најзаразна во првите 2-4 дена од појавувањето на симптомите. Меѓутоа, таа може да се прошири и по неколку седмици. Симптомите обично се јавуваат 2-3 дена по заразата, а настинката може да се пренесе само кога сте во близина на други луѓе. При кивање и кашлање, честичките од вирусот може да патуваат и до 3,5 метри.

Грипот е предизвикан од вирус и исто така се шири со кашлање, кивање или разговор. Во овој случај капките со вирусот може да се шират и до 2 метри. Може да се заразите и доколку допрете нешто на што се задржал вирусот, а потоа се допрете за устата или носот.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје