X
 20.05.2017 Живот

Техники за справување со анксиозноста

Анксиозноста е задушувачка. Постојано да се биде на работ многу влијае на секој аспект од животот, предизвикувајќи егзистенцијални кризи, претерано реагирање и зголемена нервоза. Според психолозите, анксиозноста може да се ублажи само ако се работи во таа насока.

Со вежби и одредени практики, анксиозноста може да се трансформира во извор за подлабоко себе-разбирање, емпатија и задоволство. Некои ја карактеризираат состојбата како чувство на безизлезност, замка помеѓу идеи и суровоста на она што се случува. Експертите советуваат постојано да се соочуваме со тоа страдање, кое е основата на анксиозноста. Се работи за многу тежок процес, но на крајот се исплаќа.

Следните три техники можат многу да помогнат во справувањето со анксиозноста. Треба да се применуваат како дисциплинска работа, но и како начин на размислување.

1. Одете на местата кои ве плашат

Обидете се да ги оценувате мислите само како мисли, без да имате став и суд за одредена мисла. Применувајте основна медитација, па доколку тоа го правите континуирано, ќе го намалите борењето со самите себе, со околностите, емоциите и расположението. Ако го спроведете ова на место кое ви предизвикува страв и сфатите дека мислите кои ја поттикнуваат анксиозноста се само мисли креирани во вашата глава, а не реална состојба, тогаш ќе успеете да не ги поврзувате вашите мисли со стресни ситуации и моменти кои ви предизвикуваат страв.

Многу од емоционалните проблеми се креирани од самите нас. Кога се опседнуваме со мисли ние креираме околности во кои тие ќе се манифестираат.

2. Користете „отров“ како лек

Овде не станува збор за вистински отров, туку се мисли на отровите од животот, односно трите отрови кои го засегаат човештвото а тоа се страста, агресивноста и игнорантноста. Наместо да ги потиснувате овие „отрови“, претворете ги во извор на сочувство и отвореност.

Кога веќе овие „отрови“ се дел од човековата состојба, тогаш бесмислено е да се негира нивното постоење. Учете од таквите емоции и обидувајте се постојано да ги насочите во позитивни работи. Така ќе созреете, а постојаната борба за да ги поттиснете може само да ве уништи.

3. Воочете што произлегува како разбудена енергија

Наместо да се гледате себеси како личност која има добра и лоша страна, третирајте го секое искуство како дел од вашиот пат кон внатрешно задоволство. Наместо да бидете заробени во чувство на постојана вина и срам, вие едноставно прифатете ги тие чувства како дел од преживеаните искуства. Не се задржувајте на она за кое жалите, бидејќи тоа ве држи во минатото и не ви дава шанса да живеете во сегашноста. Сфатете и дека над многу работи немате контрола и постојано терајте се себеси така и да размислувате.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот