X
 20.05.2021 Наша тема

Македонските уметници на тема досада: Изолацијата им предизвика или тотална блокада или креативен процут

Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска и Филип Велковски ги даваат своите одговори за досадата

Изложбата „Уметноста на досадата“ на група македонски уметници, отворена до 31 март во градината на сегашната резиденција на ЕУ во Скопје, ја истражува темата на изолацијата што произлезе од неопходното ограничување на движењето, која неизбежно доведе до чувства на здодевност и монотонија, истовремено свртувајќи го вниманието кон себеси, кон прашањата на самоконтролата и интроспекцијата. Кај некои уметници овие чувства доведоа до преиспитување на чувството на припаѓање или предизвикаа креативна криза.

Неколкумина од нив: Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска и Филип Велковски, ги даваат своите одговори на оваа тема...


Филип Велковски

- Изолацијата трае веќе подолго од една година и фазите варираат. Секако, преовладуваат кризната состојба и тоталната блокада на креативниот процес. Не е точно тврдењето дека во излолација креативноста цвета, напротив... Сепак, имаше и периоди на креативност во кои претежно се фокусирав на практика што е изводлива во домашни услови - вели младиот уметник Филип Велковски.




Дела на Филип Велковски

За скулпторот Сашо Саздовски, целата оваа состојба со изолацијата и затвореноста во домот имала различни моменти.
- На почетокот имав премногу обврски како професор, што ме одвлече накратко од моите негативни размислувања. Не можам да кажам дека на моменти не бев притиснат, бидејќи долгиот карантин влијаеше врз сите, но јас секогаш пробувам работите да ги гледам како предизвик и да дејствувам во согласност со ситуацијата. За време на пандемијата се посветив на работа на тродимензионално моделирање и учење на компјутерски софтвер, на кој разработував 3Д-модели за некои мои визии за скулптури. Сè уште ги истражувам можностите што може софтверот да ги понуди, но тоа е еден многу интересен начин да го поминете времето не размислувајќи на затвореноста - вели тој.




Скулптури на Сашо Саздовски

Пред неколку дена одново ѝ се враќа на скулптурата и продолжува од таму каде што ги оставил недовршени работите.
- Скулптурата е процес што не се работи наеднаш, работата мора да знаете да ја поделите на периоди, така што недовршените работи најлесно ве враќаат во колосек. Во принцип секогаш се трудам да бидам во креативен набој, преиспитувајќи и приспособувајќи се на ситуацијата во која се наоѓам и доколку е можно, целото искуство да го преработам и синтетизирам во нова идеја за наредното дело - вели Саздовски.


Сашо Саздовски

На изложбата „Уметноста на досадата“ со свое дело се претставува и уметникот Гоце Наневски, кој смета дека доколу правилно се артикулира, изолацијата може да генерира позитивна акумулација.
- Таа буквално може да биде препакувана во полигон во кој авторот може да создаде додадена вредност над која би можеле да почиваат надградените идејни промислувања, дефинирања и редефинирања. Всушност, таа и не постои доколку гледаме низ очите на авторот, таа е втопена во авторовите системи на создавање, можеби вплетена во некакви амплитуди на креативен бонитет или немоќ, но тоа е структурален елемент. Изолацијата ги надградува можноста и моќта за перцепцијата, согледувањата, креативното гледање и развивањето на релациониот дискурс со социјалната околина, општеството и системот, природата итн. Кај мене, таа влијаеше врз можноста уште поавтентично да ги согледам сензациите на деструкција во општествени и социјални рамки, во рамки на организациските капацитети, свесноста за ситуацијата (пред сè, лична), системската свесност, епматиските капацитети и сл. - вели Наневски.




Скулптури на Гоце Наневски

Тој додава дека изолацијата кај него како уметник не имплицирала криза, туку му дала можност појасно да ги види нештата што секојдневно ги впиваме како „вредности“.


Гоце Наневски

- Таквата слика на континуирани дистрибуции на примитивизмот стана само подефинирана и поубедлива. Така се родија двете дела за изложбата „Уметноста на досадата“. „Културна дијафрагма“ - кратка историја на амебовидноста и „Културна дијафрагма“ - кратка историја на примитивноста, тоа се дела што се рефлексија на тагата, враќањето наназад, изгубените можности, тоа се споменици на сите овие години на неизвесност, споменици свесно создадени од најнестабилниот хемиски елемент во вселената, железото. Понатаму историјата е предвидлива - посочува Наневски.

Според уметницата Моника Мотеска, пак, уметноста можеби е најконструктивниот начин за прекинување на досадата и досадното.




Инсталација на Моника Мотеска

- Ако досадата понекогаш значи „затишје пред бура“, вид незаинтересираност за надворешните работи и случувања, тогаш постои и доаѓа до момент кога човекот се врти сам кон себе и почнува да ја набљудува неговата внатрешна природа. Творејќи во таква карантинска атмосфера, уметникот може да ископа од неговата психа многу работи што понатаму ќе ги материјализира во дела. Иако сега зборуваме за изолација во време на пандемија, јас во целото мое постоење како уметник имам периоди во кои сум се „самоизолирала“ со цел да создадам некои дела и во таа смисла оваа изолација не ми падна многу тешко. Но, како човек со социјални потреби, многу ме погоди - вели Мотеска.

Фото: Приватни архиви
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема