X
 06.08.2025 Живот

Нова изложба во Лондон нуди импресивно доживување на „Титаник“ од перспектива на патниците

Ако ве фасцинира приказната за „Титаник“ и неговата трагична судбина, сега имате можност да дознаете повеќе за историјата на потонатиот брод преку нова изложба. „Легендата за Титаник“, во продукција на „Мадрид Артес дигиталес“, ѝ нуди на лондонската публика можност да ја истражи оваа импресивна поставка во простор од 3.000 квадратни метри.

Изложбата комбинира историски истражувања со најсовремена технологија, овозможувајќи им на посетителите да се почувствуваат како да се вратиле во 1912 година. Посетителите ќе бидат опкружени со фасцинантни 360° проекции, интерактивни инсталации и детални реконструкции на последните моменти на бродот. Целото искуство, кое трае помеѓу 90 и 120 минути, започнува со реконструкција на пристаништето во Саутхемптон.

1

Секој посетител добива „карта за влез“, по што ќе биде пречекан од самиот капетан Смит, кој преку зголемена реалност ќе ги води низ изложбата.

- Додека гостите шетаат по пристаништето, атмосферата ја надополнуваат звуците од галеби и парни машини, создавајќи чувство како навистина да се качуваат на легендарниот брод - опишуваат од „Мадрид Артес дигиталес“.

Движејќи се низ изложбата, може да се истражат различните делови на бродот - од тесните ходници на третата класа до луксузните кабини од првата класа. Дел од поставката е и збирка артефакти од бродовите на компанијата „Вајт стар лајн“, вклучувајќи порцелан, сребрени прибори, лични предмети и облека од тој период, кои нудат увид во секојдневниот живот на „Титаник“. Посетителите ќе имаат можност да ги видат и оригиналните реквизити од филмот од 1997 година.

patuvanje

Понатаму, патувањето продолжува во собата со ледениот брег, каде што се прикажува реплика на џиновската санта мраз, како и еден од чамците за спасување. 

Потоа се влегува во собата со моторите, по што следува голема сала со 360° проекции кои ве вовлекуваат во приказната на „Титаник“. Изложбата вклучува и интерактивно патување низ Метаверзумот, со 5Д сензорни елементи како симулирани мириси и реалистични реконструкции на бродот.

 
Иако посетителите добиваат можност да ги видат ужасите што се случиле, тие тоа го доживуваат од безбедна дистанца. Ова искуство претставува и можност за размислување за животите кои биле изгубени и за истрајноста на оние што преживеале.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Legend of Titanic
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот