X
 20.06.2020 Технологија

Треба ли да ги чистиме телефоните како мерка за заштита од коронавирусот?

Во последните неколку месеци сите се занимаваат само со мерки за заштита од коронавирусот, со носење заштитна опрема и дезинфекција. Но, што е со телефоните? Сите знаеме дека тие се понечисти и од веце-школка, но колку внимание посветуваме на нивното чистење?

Некои експерти велат дека луѓето треба да си ги држат телефоните што поблиску до нив за да се заштитат од можни инфекции, а други, пак, велат дека телефоните им се најмала грижа, додавајќи дека треба да се грижиме околу допирањето на кваките што ги фаќаат стотици други луѓе.

Дали треба да го чистам телефонот?

Да разјасниме, дури и кога нема пандемија, вашиот телефон може да се извалка. Генерално, нечистотијата не е проблем, смета Ема Хејхрст, микробиолог при Универзитетот на Јужен Велс.

- Се обидувавме да избегнеме масовна паника за валканите телефони. Кога сте здрави, навистина не е проблем - вели таа.


Во превод, треба да го чистите телефонот, само не опсесивно.


- Не треба опсесивно да ги чистиме телефоните сега. Ако луѓето доаѓаат во контакт со пациенти заразени со коронавирус, тогаш да. Чистете ги вашите телефони цело време. Не затоа што има докази дека ќе се пренесе преку телефонот, туку затоа што нема докази дека нема - вели микробиологот. 


Како треба да го чистам телефонот?

Долго време од „Епл“, „Самсунг“ и други производители на телефони советуваа да се користи само микрофибер-крпа за чистење на вашата омилена електронска направа.

Сепак, некои луѓе велат дека за ефективно да се убие вирусот на површината, потребен е дезинфекциски раствор, на пример, нешто со најмалку 55% изопропил алкохол.

Неодамна „Епл“ објави дека е во ред да се користи 70% изопропил алкохол или „Clorox“ марамче за дезинфекција на површините на сите нивни производи. Од „Гугл“ исто така потврдија дека е во ред да се користи изопропил алкохол или „Clorox“ марамчиња за да се чистат направите, а од „Самсунг“ во нивните упатства за чистење ги вклучија и чистачите на база на алкохол и сега ги советуваат сопствениците на „Галакси“ да натопат марамче во дезинфициенс или раствор на база на алкохол и нежно да избришат. Но, не треба течноста да се нанесува директно на телефонот.

Можете ли да користите сапун и вода? Секако, но избегнувајте да користите груба хартија или сунѓер на екранот. И никогаш не користете избелувач.

Фото: Pixabay

Можам ли да го оштетам телефонот со чистењето?

Големиот страв во врска со чистењето на смартфоните со раствори кој го наведуваат производителите на смартфони е оштетувањето на олеофобичниот слој на екранот. Тоа е заштитен слој на екранот кој одбива вода и масло. Во основа, тој помага да се минимизираат отпечатоците од прсти и дамките.

- Производите за чистење и абразивните материјали ќе ја ослабат заштитата и може да го изгребат вашиот ајфон - стои на страницата на „Епл“.


Кога го чистите телефонот со дезинфекциски марамчиња, внимавајте да не ви влезе течност во портите. Иако повеќето телефони сега се водоотпорни, не значи дека се неуништливи.

Што со маската?

Има голема разлика меѓу чистење стакло или метал и чистење силикон, пластика или кожа. „Епл“ има добар совет за чистење на различните материјали од кои се прават маските и футролите. Дури и ако немате оригинална футрола од „Епл“ , тука има совети што може да ви бидат од корист.

Гаџет за чистење на телефони

Ако не сакате да си ги навлажните рацете или телефонот, можете да пробате да си набавите гаџет за УВ-санитизација во кој можете да го ставите телефонот десетина минути и производителите велат дека ќе бидат уништени 99,9 отсто од бактериите на него.

Фото: WSJ

Зошто ова е подобро од марамче? Па, очигледно не сме баш најдобри во чистење. Луѓето не го опфаќаат целиот телефон добро со раствори за дезинфекција, а и ако не го оставите растворот да дејствува неколку минути, некои бактерии може да преживеат.

Микробиолози велат дека ултравиолетовото зрачење може ефективно да ги убие бактериите.

Извор: Wall Street Journal
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија