X
 25.06.2019 Живот

Тајланд затвора плажи поради премногу туристи, а вложува 13 милијарди долари за да привлече уште

Иако веќе се мачи со преголемиот број туристи, Тајланд има намера да инвестира 13 милијарди долари во ширење на капацитетите на своите аеродроми и во поврзување на поголемите терминали со брзи железници и така да привлече уште повеќе посетители.

Поточно, во следните десет години бројот на туристи така би можел да се зголеми за високи 60 отсто, односно на неверојатни 65 милиони годишно. Колку за споредба, толку брои популацијата на Обединетото Кралство, но, како што пишуваат западните медиуми, со тоа Тајланд всушност се обидува да го направи својот туризам поодржлив.

Со оглед на тоа дека низ тајландските аеродроми минуваат многу повеќе патници отколку што е предвидено, се планира изградба на два нови терминала на аеродромите во Бангкок, како и ширење на уште еден во близина на ресортот Патаја, а за тоа Тајланд ќе потроши околу 13 милијарди долари. Со тоа вкупниот капацитет на тие аеродроми во следните пет години би се зголемил на приближно 190 милиони патници годишно, што е за дури 110 милиони повеќе отколку сега. Но, подобрувањето на сообраќајната инфраструктура не е доволно за одржливост на туризмот.

Имено, туризмот е главниот мотор на тајландската економија кој, токму поради големиот број посетители, оваа година може да се пофали со најјака валута на азискиот континент. Но, истиот тој број на туристи се покажа како проблем за зачувување на убавината на земјата. На пример, популарната плажа Маја Беј, која стана славна благодарение на филмот „Плажа“ со Леонардо ди Каприо, е затворена и така ќе остане додека не се обнови нејзиниот екосистем.

Тајланд не е единствената држава со проблеми предизвикани од масовниот туризам. И соседните Филипини и Индонезија имаат слични проблеми, но туризмот на Тајланд носи дури петтина од приходите во економијата. Затоа владата веќе неколку години настојува да ги поттикне патниците да ги посетат помалку популарните делови од државата за да се намали притисокот на популарните Бангкок и островот Пукет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот