Исхраната, здравите врски и позитивниот став се фактори кои придонесуваат за долговечноста, но еликсирот за долг и среќен живот не е целосен без физичка активност.
Авторите на „Икигаи: Јапонската тајна за долг и среќен живот“ разговарале со повеќе од 100 најстари луѓе во Окинава, Јапонија, сина зона со најголема концентрација на стогодишници во светот.
Гарсија и Миралес успеале да откријат нешто повеќе за секојдневното однесување на стогодишниците од Окинава, вклучително и како тие беа физички активни.
- Не треба да одите во фитнес-сала по еден час секој ден или да трчате маратони. Како што ни покажуваат јапонските стогодишници, потребно ви е движење во текот на денот - пишуваат Гарсија и Миралес.
Речиси сите луѓе што ги интервјуирале рекле дека вежбаат „радио таисо“, популарна јапонска вежба која постои со децении.
- Дури и луѓето од домот за стари лица што го посетивме на физичката активност ѝ посветуваа најмалку пет минути секој ден, иако некои ги правеа вежбите седејќи во нивните инвалидски колички - пишуваат авторите.
„Радио таисо“, што во превод значи „радиовежби“, го добило името затоа што упатствата за движењата биле емитувани на радио во 1929 година.
Денес, овој вид вежби сè уште се емитуваат секој ден во 6:30 часот на една од најстарите јапонски радиостаници, „НХК Радио 1“, според веб-страницата посветена на вежбата. Движењата се со низок интензитет и можат да бидат одличен начин за да го започнете денот, а ќе ви требаат само три минути за да ги направите.
Целта на овој вид вежба е промовирање на духот на единство меѓу учесниците. Вежбите обично се прават во групи, вклучително и во училиштата пред учење нова лекција и во фирмите, пред вработените да почнат со работа.
- Една од најпознатите вежби се состои од едноставно кревање на рацете над главата и потоа спуштање надолу со кружни движења. Можеби изгледа едноставно, но во нашите модерни животи поминуваме денови без да ги кренеме рацете над ушите.
И јогата и таи чи се вообичаени практики на постарите лица во Јапонија.
- Но, ако не ви се допаѓа ниту една од овие дисциплини, слободно изберете некоја што ја сакате и што ќе ве натера да се движите - пишуваат Гарсија и Миралес.
Извор:
Cnbc.com
Фото: Screenshot/YouTUbe