X
 01.02.2023 Живот

Што се случува со телото ако пешачите 60 минути дневно?

Пешачењето е одлична форма на вежбање. Добро е за здравјето и може да помогне при слабеење.

Многу луѓе не сметаат дека пешачењето е доволно ефикасна вежба во споредба со другите форми на вежбање. Сепак, пешачењето навистина може да биде корисно. Што ќе се случи со вашето тело доколку 60 минути пешачење дневно ви стане дел од рутината?

Трошење на калории


Едноставноста е карактеристика што го прави пешачењето привлечна активност за многумина, особено за оние што сакаат да согорат калории. Се разбира, бројот на потрошени калории зависи од повеќе фактори, особено од вашата тежина и од брзината на одење.

Ќе наведеме неколку примери:

Човек од 55 килограми што оди со просечна брзина од 4,8 км/ч ќе согори 193 калории за еден час. Со иста брзина, човек од 68 килограми ќе согори 238 калории.

Со брзина од 5,6 км/ч овие луѓе ќе согорат 237 или 292 калории на час, а доколку забрзаат до 6,4 км/ч, ќе согорат 275 или 340 калории.

Просечната брзина на одење е 4,8 км/ч, а колку побрзо одите и колку сте потешки, толку повеќе калории ќе согорите. Други фактори што влијаат врз трошењето калории се теренот, температурата на воздухот и вашата возраст и пол.

Губење на тежината

Во секој случај, пешачењето по еден час дневно ќе ви помогне да согорите калории и на крајот да изгубите тежина. Во едно истражување во кое учествувале 11 жени со просечна тежина, по 6 месеци одење со брзо темпо секоја од нив изгубила во просек по 7,7 килограми или 10 отсто од почетната телесна тежина.

Тие постепено ги зголемувале брзината и времето на одење, но додека не достигнале 30 минути пешачење, слабеењето било незначително, што укажува на тоа дека времетраењето на пешачењето може да биде поврзано со губење на тежината.

Исхрана

Секако, пешачењето ќе биде многу поефикасно доколку го комбинирате со здрава исхрана, што е потврдено со неколку студии.

Колку килограми можете да изгубите ако пешачите еден час дневно?

За да изгуби тежина, едно лице мора да прима помалку калории отколку што троши. Често се наведува дека околу половина килограм телесна тежина одговара на 3.500 калории. Намалувањето на дневниот внес за 500 калории е погодно за повеќето луѓе што сакаат да ослабат. Дел од овој дефицит можете да го постигнете со пешачење по еден час дневно, а можете постепено да ги намалувате внесените калории.

Во зависност од внесот на калории, дефицитот од 500 калории дневно може да доведе до губење на тежината од 0,2 до 0,9 килограми неделно.

1
Фото: Freepik

Не заборавајте дека пешачењето е поврзано и со неколку други здравствени придобивки - подобрување на расположението и на квалитетот на животот, како и намален ризик од срцеви заболувања и дијабетес.

Како да почнете да пешачите?

Оваа едноставна вежба лесно може да се направи дел од вашата секојдневна рутина. Ако сте почетник, важно е да започнете полека, а потоа постепено да ги зголемувате темпото и времетраењето на прошетката.

Чекор по чекор и ќе го достигнете посакуваниот час дневно, благодарение на кој ќе ја одржувате саканата тежина и ќе го одржувате здравјето. Што се однесува до опремата, најважни се удобните патики.

За да не ви здодее пешачењето, што често се случува при каква било активност, треба редовно да ја менувате маршрутата, да имате друштво, да слушате музика, да си го наградите успехот.

За да ослабете, не заборавајте дека треба да го зголемите интензитетот на пешачењето за да согорите што повеќе калории. Кога ќе дојде време, можете да носите и тегови.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот