Многу земји почнаа со вакцинација на жителите против ковид-19, но бројот на нови заразени и смртни случаи продолжува да расте на многу места. Експертите очекуваат ковид-19 во следните години да биде како другите заразни болести, како грипот, и ќе треба да продолжиме да преземаме мерки за да се заштитиме од болеста.
Веќе е познато дека физичката активност е еден од најефективните начини за спречување хронични болести, покрај добрата исхрана и непушењето. Според истражување од 2008 година, недостигот на физичка активност доведува до прерана смрт кај над 5 милиони лица секоја година.
Научникот Себастијан Честин и неговите колеги неодамна спровеле истражување за врската помеѓу редовното вежбање и имунолошкиот систем. Нивните заклучоци се дека редовната физичка активност го зајакнува имунолошкиот систем, го намалува ризикот од заболување и умирање од заразна болест за повеќе од една третина и значајно ја зголемува ефективноста на вакцините.
Во истражувањето, Честин и колегите анализирале докази поврзани со ефектот на вежбањето врз ризикот од заболување или умирање од болести како пневмонија, што претставува честа причина за смрт на пациент со ковид-19, како и врз функционирањето на имунолошкиот систем и ефектот на вакцините. Не биле вклучени податоци поврзани со ковид-19.
Фото: Pixabay
Според анализата, во која биле вклучени над половина милион испитаници, доволно е да се биде физички активен 30 минути дневно, пет дена во неделата, за да се намали ризикот од заболување или умирање од заразни болести за 37%.
Научниците откриле и дека редовното вежбање го зајакнува имунолошкиот систем, но и дека лицата што се физички активни имаат 50% поголеми шанси да развијат антитела по примање вакцина.
Физичката активност несомнено е начин на кој луѓето може да се заштитат од заразни болести и да се намалат шансите за епидемии и пандемии во иднина, па затоа би требало да се користи во борбата против овие болести, пишува Честин.
Владите ги охрабруваа луѓето да останат физички активни за време на пандемијата и интересот за вежбање навистина се зголеми на почетокот, но не и долгорочно. Сега е поважно од кога било владите и докторите да ја промовираат физичката активност, пишува Честин.
Автор: Себастијан Честин
Извор:
weforum.org