Сè уште не сме сигурни што ја предизвикува Алцхајмеровата болест, но знаеме како изгледаат ефектите од неа и сме сè подобри во детектирањето на раните знаци, вклучувајќи ги и, можеби, оние во нашиот говор.
Научници од Универзитетот во Бостон развиле нов алгоритам со вештачка интелигенција кој ги анализира шемите на зборување на луѓето со благо когнитивно ослабување (МЦИ). Може да предвиди прогресија од МЦИ во Алцхајмерова болест во рамките на шест години со точност од 78,5 проценти.
Студијата е продолжение на претходно истражување на тимот, во кое тие тренирале модел, користејќи гласовни снимки од повеќе од илјада лица, за точно да го детектираат когнитивното ослабување.
Новиот алгоритам бил трениран на транскрибирани аудиоснимки од 166 лица со МЦИ, на возраст од 63 до 97 години. Со оглед на тоа што тимот веќе знаел кој имал Алцхајмерова болест, пристапот со машинско учење можел да се искористи за да се најдат знаци во нивниот транскрибиран говор што ги поврзуваат 90. лица чии когнитивни функции би опаднале во Алцхајмерова болест.
Кога бил истрениран, алгоритмот можел да се примени во обратна насока - да се обиде да го предвиди ризикот од Алцхајмер од примероците транскрибиран говор кои никогаш порано не ги процесирал. Други важни фактори, вклучувајќи ги и возраста и полот, биле додадени за да се дојде до конечен предвидувачки резултат.
- За резултатот може да мислите како веројатност дека некој ќе остане стабилен или ќе транзитира кон деменција. Сакавме да предвидиме што ќе се случи во следните шест години и утврдивме дека можеме да дадеме претпоставка со релативно добра доверба и точност. Тоа ја покажува моќта на вештачката интелигенција - вели компјутерскиот научник Јоанис Паскалидис.
Поради тоа што моментално нема лек за Алцхајмерова болест, можеби се прашувате која е користа од детектирањето, кога крајниот резултат е ист. Сепак, има третмани кои можат до одреден степен да помогнат во справувањето со болеста, па може порано да се почне со нив. Дополнително, раната детекција ни дава повеќе можности за проучување на напредокот на болеста, а со тоа и можности за развој на целосно ефикасен третман.
Овој пристап, ако може дополнително да се развие, се смета за многу добар. Тоа е вид тест што може да се направи брзо и евтино, дури и дома, и без специјалистичка опрема. Потребна е само снимка, а во иднина ќе може да се направи и само со апликација на телефон.
Истражувањето е објавено во
„Алцхајмер енд деменша“.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik