X
 07.06.2018 Наша тема

Како последниот на список стана првиот студент што дипломирал на Институтот за психологија во Скопје? Интервју со проф. д-р Панајотис Цакирпалоглу

Втората половина од седумдесеттите години за Скопје и за тогашната заедничка држава беше период на релативно стабилни вредности, политичка и економска сигурност, подем, оптимизам и идеали. Во тој контекст се формиравме како личности и идни стручњаци, вели проф. д-р Цакирпалоглу во интервјуто за Факултети.мк


Тој е првиот студент што дипломирал на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Денес е реномиран професор на Универзитетот во Оломоуц, Чешка. Проф. Панајотис Цакирпалоглу се смета себеси за скопјанец бидејќи живеел во градов до крајот на 1959. Тука завршил основно, средно и високо образование. Во интервјуто за Факултети.мк тој живописно раскажува како се живеело и студирало во Скопје пред педесетина години. Се осврнуваме и на денешните состојби, особено што потесни полиња на неговиот професионален интерес се две актуелни теми – мобинг и студентите денес.

Проф. Панајотис Цакирпалоглу во студентските денови

Како проф. Цакирпалоглу станал првиот студент што дипломирал на Институтот за психологија? Тој вели дека разбрал за отворањето на новата студиска група по психологија од случаен минувач на тогашната Водњанска улица.
- На отворениот упис бев примен како последен запишан студент. Почетоците и севкупното студирање од осум семестри беа одбележани со ентузијазам, позитивна енергија, дружење, надежи, светли перспективи и извесност за вработување. Впрочем, втората половина од седумдесеттите години за Скопје и за тогашната заедничка држава беше период на релативно стабилни вредности, политичка и економска сигурност, подем, оптимизам и идеали. Во тој контекст се формиравме како личности и идни стручњаци.

Каков беше градот за живеење во тоа време, како дел од големата СФРЈ?

- Тоа беа години на маркантен урбан, економски и културен подем на Скопје. Феникс што се издигна врз урнатините по земјотресот во 1963 година, магнет за инвестиции и луѓе од сите делови на тогашната СФРЈ. Луѓето беа различни како и денес, ама поради заедничките вредности што ги споделувавме, не умеевме да се делиме на наши и туѓи националности, вери, култури, јазици. Дружењето го одредуваа личносни совпаѓања, симпатии, интелектуални преференции, интереси. Идеолошките, верските, етничките, културните и останатите разлики ни беа туѓи. Оттука, моите најблиски студентски колеги и пријатели со кои и денес сум длабоко поврзан, со некои останав во секојдневен контакт, се Македонци, Срби, Албанци, муслимани од Санџак...

Со сопругата Снежана. Сиот живот соработуваат, си помагаат, си веруваат

Тука ја запознавте сопругата, денес исто така професорка по психологија... Студиравте ли заедно, си бевте ли конкуренција?

- Да. Снежана тогаш се презиваше Митевска. Ја забележав во првите денови од студиите, а и таа мене, поради моето необично име и презиме, на огласната табла пред библиотеката за психологија. Најнапред бевме другари, заедно со поголема група студенти вежбавме статистика пред испит. Кон крајот на втората година се појави искра, се зближивме и така до денес. За брак се решивме од практични причини, согледавме дека заедничкото живеење можеме подобро да го искористиме за студирање, свесни дека ако први завршиме, први и ќе се вработиме. И двајцата сме амбициозни, но воопшто не сме компетитивни. Сиот живот соработуваме, си помагаме, се надополнуваме, поттикнуваме, си веруваме. Инаку, одамна не ќе бевме заедно.

На едно од предавањата на Филозофскиот факултет во Скопје

Кој професор Ви беше најголема инспирација, Ви пренесе нешто што силно влијаеше на понатамошната кариера?

- Најголема инспирација и идол ми беше професорот Предраг Огњеновиќ од Белград, кој со група тамошни видни психолози несебично помагаше во првите години од подемот на новата студиска група по психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Моментот кога професорот Огњеновиќ ме избра за демонстратор по еден предмет беше пресуден за изборот на мојот иден професионален пат. Образованието го продолжив на Универзитетот во Белград. На катедрата за психологија под менторство на професорите Никола Рот и Ненад Хавелка во 1989 година магистрирав социјална психологија. Две години подоцна, под менторство на професорката Вероника Ишпановиќ докторирав развојна невропсихологија на Медицинскиот факултет во Белград.

Професор сте на Универзитетот во Оломоуц. Како учител, што сметате дека е најважно да им пренесете на Вашите студенти?

- Основно за професијата психолог се трајниот интерес за осознавање на човековата природа, ориентацијата кон позитивни, здрави основи на личноста, безусловниот алтруизам и, пред сѐ, негувањето сопствена автентичност. Универзитетската диплома е првиот чекор, форма чија суштина треба да е мотивиран, љубопитен, етички изграден стручњак, кој е целосно посветен на сопствената професија. Психологијата е динамична дисциплина која постојано ги шири сопствените хоризонти и сознанија, што логично подразбира целоживотна едукација на психологот.

Панорама на Оломоуц

Мобинг на работното место е едно од полињата на Вашиот потесен интерес. Дали коренот на оваа состојба е во современиот капитализам или отсекогаш постоел, само што денес работникот повеќе зборува на оваа тема?

- Мобингот за науката е релативно нов феномен, од друга страна, и редовна појава во сферата на човековиот труд која се јавува во различни облици и со различен интензитет. Истражувањата покажуваат дека мобингот не познава идеолошки, економски или културни разлики. Главните причини на ваквиот деструктивен процес се наоѓаат во менталитетот или културата во која доминираат вредностите маскулинизам, индивидуализам и нерамнотежа на моќта. Соодветно на тоа, најголема појава на мобинг е утврдена во Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австрија, Чешка, Турција, Сингапур, Јапонија, Италија, а најмала во скандинавските земји. Таму како културни вредности доминираат феминизмот, колективизмот и рамномерната поделба на моќ. Во право сте, денес почесто се зборува за мобингот, а тоа повратно влијае врз појавата на т.н. псевдомобирани лица. Се работи за сегмент на вработени кои доследната примена на работните норми и дисциплината ја толкуваат како шикана на работно место и во крајна линија создаваат привид на поголема масовност на мобингот.

Со студенти во САД

Можете ли во куси црти да ни го претставите психолошкиот профил на еден студент денес?

- На ова прашање нема еднозначен одговор. Не сум поборник на воопштувања зашто секој студент е приказна за себе. Искуството со студенти по психологија од Чешка е во многу нешта различно од импресијата со студентите по психологија од Скопје. Општ е впечатокот дека денешните студенти располагаат со технички и информативни можности за кои ние, како студенти, можевме да сонуваме. Можеби поради поскромните услови и силната желба за знаење, ние како студенти моравме повеќе да се ангажираме во процесот на сопствената едукација, што не беше можно без заемна солидарност, размена на литература и забелешки од предавања, издавање скрипти и редовно студирање во универзитетската библиотека. Денешните студенти во Чешка, како и во другите делови од светот, се покомотни и позависни од средствата за масовно комуницирање, додека мнозина од нив студиите по психологија ги инструментализираат заради полесно вработување, повисок општествен статус и слично. Од друга страна, неодамнешната средба со студентите по психологија во Скопје пријатно ме изненади и ме исполни со оптимизам, пред сѐ, автентичната љубопитност кон современите трендови во психологијата, за што сведочеа масовното присуство на предавањата, отвореноста за дијалог и прашања, комуникативноста и спонтаниот контакт.

Предавање во Лисабон

Колку младата интелигенција денес има моќ да го промени светот?

- Доколку зборуваме за можности да се менува сопствениот живот, тогаш моето искуство е позитивно, зашто и самиот работев и успеав во сопствениот животен и професионален проект. Верувам во мотото дека доколку нешто многу се сака, тоа и се постигнува. Ова посебно важи додека човекот е млад, оптимистичен, енергичен, храбар за предизвици и за исчекор во непознато. Позитивната врска младост-промени се потврдува и во глобални рамки, на пример, преку технолошките и комуникациските иновации што ги донесоа младите Стив Џобс, Бил Гејтс и Марк Закреберг - откритија без кои не можеме да го замислиме современиот свет. Доколку, пак, имате на ум промени во политичката или економската сфера, тука влијаат други закони и, во основа, младите луѓе имаат помали можности за дејствување.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема