Ловокрадството полека станува дел од минатото во делови на Зимбабве. Високоефикасна единица на жени-ренџери, наречена „Акашинга“, го заштитува животинскиот свет и ја менува борбата против нелегалниот лов на трофеи.
Од нејзиното основање во 2017 година како дел од Меѓународната фондација против ловокрадството, „Акашинга“ (што значи „Храбрите“ на јазикот шона) помогна да се намали ловокрадството на слоновите во долината Замбези во Зимбабве за неверојатни 80 отсто.
Единицата е составена од жени кои најчесто преживеале семејно насилство или биле жртви на сексуален напад. Тие патролираат во областа Фундунгу и ги штитат не само слоновите, туку и другите животни, вклучувајќи ги и носорозите и лавовите. Во моментов околу 85.000 слонови живеат во Зимбабве.
Опасностите со кои се соочуваат овие животни не доаѓаат само од ловокрадците, туку и од стапиците од цијанид што тие ги оставаат, што може сериозно да ѝ наштети или да ја уништи фауната.
Единицата била основана од поранешниот австралиски војник од единицата за специјални сили Демиен Мандер, кој смета дека
ловокрадците треба да се едуцираат наместо да се организира вооружен напад против нив. Со други зборови, тој верува дека откако заедницата ќе ги разбере економските придобивки од зачувувањето на дивиот свет, ловокрадството ќе биде елиминирано без насилство.
Меѓународната фондација против ловокрадството планира да вработи 1.000 жени-ренџери до 2025 година со зел да се заштитат 20 природни резервати. Програмата „Акашинга“ не носи само корист за природата; тоа е начин и жените да ги обноват своите животи, да се чувствуваат дека имаат моќ и да станат лидери на нивните заедници.
- Како жена, фокусирана сум да ја користам единицата како алатка за борба за подобар живот. Сега можам да ги хранам моите деца и да им го плаќам училиштето. Добив возачка дозвола, што е голема работа за жените во Африка. Исто така, градам голема куќа за моите деца. Сега сум горда што имам иднина - вели 30-годишната самохрана мајка на две дечиња, Петронела Чигумбура.
28-годишната наредничка Нјараџо Ауксилија Хото сакала да ја докаже невистинитоста на стереотипот дека само мажите можат да станат ренџери.
- На почеток, мојата заедница не можеше да поверува дека жена може да биде ренџер. Успеав да ги исполнам моите соништа за образованието. Пред многу години го напуштив училиштето, но сега сум вонреден студент на универзитетот во Зимбабве и наскоро ќе се здобијам со диплома во науката, дивиот свет, екологијата и конзервацијата. Исто така, успеав да купам парцела во мојата заедница - вели таа.
- Животните не треба да страдаат или да чувствуваат болка поради нашите потреби и желби. И тие имаат право да живеат и да уживаат во нивниот живот. И тие имаат естетска вредност, природна убавина и уметничка вредност - додава таа.
Фото: Natgeodocs
За да ги прослави нивните достигнувања, „Нешнл џиографик“ неодамна објави краток документарен филм за „Акашинга“.
Извор:
Bored Panda
Фото:
Facebook