Од синоќа во аеродромската терминална зграда може да се влезе само со сертификат за вакцинација, за прележан ковид-19 или негативен тест, соопштија од Меѓународниот аеродром во Скопје. Оттаму истакнуваат дека по одлуката на Владата за изменување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест ковид-19 предизвикана од вирусот Sars-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, донесено било решение за измена на протоколот на ТАВ Македонија за управување со аеродромите во време на пандемија.
Така, согласно најновата одлука, од вчера влез во аеродромската терминална зграда е дозволен само со приложување:
-сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест ковид-19; или
-сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
-медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS CoV-2 тест, не постар од 72 часа, или брз антигенски тест не постар од 48 часа, пред влегување.
Во соопштението се наведува дека ова не се однесува на лица под 18 години.
-Влезот во аеродромската терминална зграда е на вратата Заминување С, додека излезот е на вратата Пристигнување В - се додава во соопштението.
Од аеродромот замолуваат патниците да ги почитуваат превентивните мерки против ковид-19 што се применуваат во аеродромската терминална зграда:
-постојано носење заштитна маска;
-одржување физичко растојание;
-често дезинфицирање на рацете;
-практикување бесконтактни технологии за завршување на аеродромските процедури.
Од 25 јуни влезот во јавната зона на терминалнaта зграда на двата аеродроми беше неограничен за сите лица: патници, придружба на патници, лица кои ги пречекуваа и испраќаат патниците, вработените на аеродромот и на други даватели на услуги кои имаа потреба од влез во терминалната зграда.
Насловна фотографија: Unsplash