X
 09.01.2021 Здравје

Најштетните теории на заговор што се шират за коронавирусот

Теориите на заговор во 2020 станаа вообичаени и секојдневни, а најголем дел од нив беа поврзани со Ковид-19. Малку се знаеше за болеста кога се појави и луѓето почнаа да веруваат во приказни кои не се засноваат на факти и докази, а ширењето на теориите на заговор беше олеснето со социјалните мрежи. Во продолжение се неколку теории на заговор што најмногу влијаеле врз разбирањето на Ковид-19 од страна на јавноста во 2020 година.

Коронавирусот бил направен во лабораторија

Набрзо откако Светската здравствена организација (СЗО) извести дека болеста се шири толку брзо што е потребно да се прогласи пандемија, почнаа да се шират теории на заговор за појавувањето на болеста. Појавата на коронавирусот се поврзуваше со постоењето на институтот за вирологија во Вухан, во кој се истражуваат коронавирусите.

Но научниците се согласуваат дека коронавирусот САРС-КоВ-2, кој ја предизвикува болеста Ковид-19, веројатно се појавил во природата, а не во лабораторија. Создавањето во лабораторија би оставило докази во генскиот код на болеста и нема докази дека коронавирусот случајно избегал од институтот за вирологија во Вухан, велат научниците. Сепак, многумина веруваат во оваа теорија на заговор, а таа беше поддржана и од американскиот претседател Доналд Трамп.


Фото: Pixabay

Ковид-19 доаѓа од 5Г

На социјалните мрежи се ширела и теорија според која технологијата за 5Г ја поттикнува појавата на симптомите на Ковид-19, а во Велика Британија имало протести во кои се палеле кулите за 5Г во април. Истражувачите велат дека нема докази дека 5Г-технологијата е опасна за човечкото здравје, а вирусот се шири и на места на кои нема 5Г. Теориите на заговор за 5Г се ширеле и пред појавата на коронавирусот, иако не биле толку популарни.

Болеста Ковид-19 е иста како грипот

Во првите месеци од пандемијата дел од медиумите и властите низ светот направиле споредби помеѓу Ковид-19 и сезонскиот грип. Трамп повеќепати изјавил дека Ковид-19 е како грипот. Ова поттикнало многумина да мислат дека Ковид-19 е измама. Меѓутоа, сега знаеме дека Ковид-19 е посмртоносна болест од грипот. Двете болести имаат слични симптоми, но поголем процент од пациентите со Ковид-19 имаат тешки симптоми.


Фото: Pixabay

Маските не функционираат

Постои теорија на заговор според која маските не ги заштитуваат луѓето од коронавирусот. Оваа идеја е поттикната од повеќе лекари и овластени лица кои на почетокот од пандемијата ги замолувале граѓаните да не купуваат маски за да има доволно за здравствените работници. Но научниците и докторите оттогаш научиле дека маските се ефикасни во спречувањето на ширењето на Ковид-19 бидејќи тие ги блокираат капките во воздухот кои може да го содржат коронавирусот.

Вакцините може да го сменат генскиот код

Многумина што шират пропаганда против вакцините велат дека вакцините против Ковид-19 се штетни. Оваа теорија на заговор следува по претходни теории за штетноста на вакцините. Постојат повеќе лаги поврзани со вакцините против Ковид-19, а една од нив е дека милијардерот Бил Гејтс планира да стави чипови во луѓето преку вакцините. Постои теорија на заговор дека вакцината против Ковид-19, за која била искористена различна технологија во однос на претходните вакцини, ја менува ДНК на личноста, но ова едноставно не е точно.

Автор: Рут Ридер
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје