X
 07.02.2020 Здравје

Како Хонгконг се справи со вирусот САРС?

Коронавирусот се прошири во десетици земји, меѓу кои и Хонгконг, кој се подготвува за потенцијално зголемување на бројот на заболени лица. Во градот засега има само 18 заболени, но и еден потврден смртен случај.

Граѓаните се исплашени бидејќи многумина од нив го помнат ширењето на вирусот САРС во 2003 година, кога во Хонгконг починале 299 луѓе. Над 8.000 луѓе се заразија од вирусот САРС низ светот тогаш, а починаа речиси 800.

Жители на Хонгконг велат дека паниката е поголема сега отколку за време на проширувањето на САРС. Најголем проблем е недостигот на заштитни маски. Училиштата се затворени, но границата со Кина останува отворена и многумина сметаат дека не се преземени доволно мерки за да се намали ширењето на коронавирусот во Хонгконг. Илјадници вработени во болниците се на штрајк неделава барајќи затворање на границата со Кина.

Сепак, Хонгконг е подобро подготвен за епидемија отколку во 2003 година. Во овој град владата инвестирала многу во зголемување на капацитетите за справување со инфективни болести по епидемијата на САРС.
Во текот на епидемијата со САРС, пренесувањето на вирусот најчесто се случувало во болниците. Откако тоа било откриено, властите презеле мерки за строга контрола во здравствените установи, па ширењето на вирусот било ставено под контрола. Но заразата со новиот коронавирус е различна бидејќи пренесувањето се случува надвор, на улиците и на јавните места. А тоа е многу потешко за контролирање.

Една хонгконшка болница се смета за пионер во справувањето со САРС. Станува збор за болницата „Квин Мери“ во која не бил заразен ниту еден пациент, а биле заразени само двајца здравствени работници. Од друга страна, во цел Хонгконг се заразиле 405 здравствени работници и 1.700 граѓани.

Која е тајната на оваа болница?

Болницата само добро ја контролирала заразата, според Винг Хонг Сето, тогаш одговорно лице за контрола на заразата во болницата. Здравствените работници во оваа болница се грижеле за хигиената на рацете пред и по грижата за секој пациент и редовно ги менувале маските по секој преглед. Доколку носеле ракавици, се вршела и редовна промена на ракавиците.

Вработените, исто така, носеле заштитни наметки и оклопи на лицето кога работеле со пациенти заразени од САРС, но Сето смета дека најважни биле процедурите за контрола на заразата, особено миењето на рацете.

Правилата за контрола на заразата наметнати од институциите довеле до крај на ширењето на вирусот САРС, според властите. Болниците лесно се справувале со индивидуалните случаи кога се спречило ширењето во самите установи и тоа го намалило понатамошното ширење. Не е забележан случај на САРС од 2004 година.

Властите во моментов не знаат што е потребно за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, но Сето потсетува дека миењето на рацете, дома и во болниците, веројатно е една од клучните мерки. 

Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје