X
 20.08.2023 Живот

Колумна: Манипулогија - нова научна дисциплина? Манипулацијата „авторитарен режим на индивидуата“ и „безвластие на умот“

Можеме слободно да констатираме дека современата цивилизација живее во свет на парадокси. Некои од нив се појавуваа и заминуваат од цивилизацискаата сцена, а некои се развиваат, траат и ги осовременуваат своите експересивни облици. Тие стануваат по мерка на човекот, по мерка на времето во кое живееме и придонесоа до појава на релативизација на вредностите или „инверзија на вредностите.ʺ (D. Riesman).

Еден од нив е манипулацијата, или како што уште ја нарекуваат црна психологија со нејзините различни појавни облици. Таа постана „авторитарен режим на индивидуата, организацијата и општетвото“ врз индивидуата. Ако тргнеме од едно од ретките објаснувања дека манипулацијата е моќ на разумот и емоциите на еден човек врз разумот и емоциите на другиот, тогаш стигнуваме до клучниот поим во манипулацијата, а тоа е психолошка инструментализација. Уште би можеле да кажеме дека манипулацијата претставува „безвластие на умот“. Ако се обидеме да направиме споредба помеѓу нивото на емпатија и манупулацијата, тогаш би можеле да кажеме дека тие поседуваат огромна вештина за манипулативна емпатија. Нивната „способност” за манипулација, која со тек на време преминува во „нулта” емпатија, според категоризацијата на нивоата на емпатија на екпертот Коен од Универзитетот „Кембриџ“. Тоа создава нова визуелизација на реалноста или илузионистички свет во кој доаѓа до психолошка инфлација на сопственото его.

Како резултат на тоа, денес често се зборува дека секојдневно сме „мета” на манипулации на работното место, живееме во манипулативно општество или некои зборуваат за свет на манипулации. Во тој контекст познатиот автор Ноам Чомски на софистициран начин ни открива десет стратегии за препознавање на манипулација со луѓето. Оттука се наметнува прашањето дали на видикот се забележува потреба од промоција на нова научна дисициплина или област наречена МАНИПУЛОГИЈА, која со нејзините тајни ќе ги спаси луѓето од (не)видливото зло на умот. Одговорот на прашањето би бил потврден со оглед на контекстот во кој и како живееме. Зошто сето тоа е потребно? Причини има многу, но една од нив е посебно значајна, а тоа е заштитата на психолошкиот имунитет на сите нас од засега, за среќа, мал број поединци или групи. Веруваме дека запознавањето со нејзините тајни ќе ги спаси луѓето од (не)видливото зло на умот. Што треба да знаеме за манипулациите и манипулаторите во секојдневниот живот и работното место, што е психолошка и емоционална манипулација, како да ги препознаеме и да се заштитиме од нив, како да ги „надмудриме”, зошто дозволуваме да бидеме жртви на манипулаторите и многу други лекции ќе бидат дел од она што треба да следи во продолжение.

Автор: Проф. Д-р Љупчо Кеверески
Педагошки факултет-Битола
Универзитет Св Климент Охридски -Битола

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот