Секоја индивидуа поседува скриени потенцијали за доблесно однесување. Важно е само тие да се препознаат и да се развијат
Пишува: д-р Снежана Петреска, одделенски наставник во ООУ „Св. Климент Охридски“ - Скопје
Главна одлика на современото општество се промените. Тие се случуваат со молскавична брзина и ги зафаќаат сите области на општественото живеење. Промените ги збогатуваат можностите на човекот, го збогатуваат човековото спознание, а со тоа и неговата моќ. Но, честопати, овие промени, покрај напредок, со себе повлекуваат и кризи. Кризите ги зафаќаат сите аспекти на човековиот живот. Всушност, тие се обележје на времето во кое живееме.
Една од таквите кризи која со себе повлекува најтешки и најголеми последици е моралната криза. Моралната криза доведува до занемарување на моралните критериуми и обезвреднување на човечките вредности. 20 век е период на големи научни победи, но и на длабоки порази во остварување на човечноста. Утилитаристичкото и хедонистичко сфаќање на животот, со сите трагични последици на морално нездраво општество, го поставува прашањето на човечноста како темелно и најважно прашање на животот. На современото општество му е потребно враќање на етичноста, на општочовечките вредности и на воспитанието како фактор за изградување на личноста и унапредување на општеството. Во вакви услови на морална криза незаменлива е улогата на воспитанието. Воспитанието овозможува зачувување и пренесување на најзначајните, најсуштествените обележја на моралот и нивно одржување низ времето. Исто така, тоа има и незаменлива улога во моралниот развој на секоја индивидуа. Преку него индивидуата се запознава со моралот, неговата суштина и значење, се негуваат и се развиваат морални чувства и се гради смисла за етички вредности.
Секоја индивидуа поседува скриени потенцијали за доблесно однесување. Важно е само тие да се препознаат и да се развијат. Воспитанието треба да ги разбуди и да ги изнесе на виделина овие потенцијали. Кога тие ќе оживеат и ќе се развијат, тогаш ќе оживее и најблагородното во човекот, тоа што човекот го прави „човек“ во вистинската смисла на зборот. Во воспитно-образовниот процес овој посакуван резултат се постигнува преку моралното воспитание. Тоа претставува воспитно подрачје чии дејствувања се насочени кон формирање морална личност. Без него воспитанието не е целосен процес и нема да го даде крајниот продукт - формирање на целосно развиени личности кои ќе ги поседуваат суштинските човечки квалитети, личности оформени во интелектуална, морална, естетска, работна и физичка смисла.
Моралното воспитание е процес на морално изградување на личноста, формирање на поединецот во општествена личност оспособена за заеднички живот во заедницата. Преку моралното воспитание ги развива своите морални особини и ги прифаќа моралните вредности и правила на општеството. Како такво, се заснова на теоријата од морално воспитание врз која се изградува целокупниот систем на морално воспитание. Во формирањето и изградувањето на морално-етичките ставови, на нормите и правилата за однесување во општеството, на вредностите кои владеат во него значајна улога има етиката. Етиката е наука која го проучува моралот кој се спроведува во секојдневниот живот и во меѓусебните односи на членовите во општеството, каде што се вградени основните етички вредности.
Моралното воспитание и неговата теорија се тесно поврзани со моралот и неговата теорија - етиката, односно постои многу блиска врска и однос меѓу моралниот систем и системот на морално воспитание, т.е. меѓу етиката и теоријата на морално воспитание.
Основна функција на воспитанието и образованието е спознавањето на доброто. Секоја индивидуа во себе има потенцијал да го спознае доброто и да постапува во согласност со етичките принципи. Образованието го покажува патот кон доброто, кон развивањето на човековите доблести, тоа е пат на духовна изградба на човекот.