X
 23.08.2023 Економија

Што ќе смени вештачката интелигенција на пазарот на трудот во следните години?

Иако многу студии покажаа прилично загрижувачки резултати за влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на пазарот на трудот, резултатите од една спроведена студија од Ај-би-ем покажуваат дека не е сè толку црно.

Она што е сигурно е дека вештачката интелигенција значително, веројатно и радикално ќе влијае врз пазарот на трудот и дека многумина ќе останат без работа, но сепак постои друга страна на паричката која покажува малку поинаква слика. Истражувачите ја засновале својата студија на две претходни истражувања - едното спроведено меѓу директори на 3.000 компании од 28 земји, а другото спроведено на приближно 21.000 вработени од 22 земји.

Заклучено е она што на сите им е јасно, а тоа е дека со вештачката интелигенција работите никогаш повеќе нема да бидат исти. Но, тоа не значи дека работите ќе бидат полоши, напротив. Имено, речиси 90 отсто од анкетираните директори сметаат дека вештачката интелигенција нема да се имплементира во компаниите за да ги замени луѓето, туку за да ги подобри нивните способности, односно да ги направи попродуктивни и поефикасни. Меѓутоа, за да се постигне ова, односно луѓето да бидат попродуктивни и да не добијат отказ, потребна е една важна работа - стекнување вештини.

Ај-би-ем смета дека во следните 3 години дури 40 отсто од вработените ќе мора да ги променат своите вештини, односно да научат нови вештини поврзани со вештачката интелигенција. Како најважен заклучок од истражувањето се нагласува дека вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето, но затоа луѓето што користат вештачка интелигенција ќе ги заменат оние што не користат вештачка интелигенција.

Тоа веќе извесно време го повторуваат многу експерти кои ги поттикнуваат вработените да се образоваат за да бидат подготвени за времето кога нивните компании ќе стават уште поголем акцент на вештачката интелигенција. Алатките како „Чет-ГПТ“ се толку напредни, што им овозможуваат на вработените да прават повеќе со помалку знаење. Најважното знаење или вештина во иднина ќе биде употребата на вештачка интелигенција и алатки за вештачка интелигенција кои ќе им овозможат да бидат конкурентни на пазарот на трудот.

Што се однесува до вештините на вработените, технолошките вештини веќе не се во преден план, туку вештини како што се управување со луѓе, способност за ефективно работење во тимско опкружување, ефективна комуникација, подготвеност за промени итн.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија