Компанијата за преводи „Транслејтед“ развила метод наречен „Време за едитирање“ за да измери колку време им е потребно на професионалните уредници да ги коригираат преводите генерирани од вештачката интелигенција (ВИ) во споредба со човечките преводи. Овој параметар се користи за да се измери напредокот на технологијата за вештачка интелигенција и да се доближи вештачката интелигенција до човечките способности.
Во светот на вештачката интелигенција, концептот на сингуларност го опишува моментот кога вештачката интелигенција станува поспособна од човекот и започнува брзата трансформација на општеството. Иако е тешко да се одреди кога ќе започне овој технолошки „хоризонт на настани“, некои истражувачи бараат знаци кои укажуваат на постигнување нивоа на вештини слични на човекот.
„Транслејтед“, чие седиште е во Рим, се фокусира на преводот како клучен предизвик за вештачката интелигенција. Според нивното истражување, јазикот е една од најприродните човечки способности, што го прави идеален тест за развој на „Еј-џи-ај“. Со анализа на податоци од 2014 до 2022 година, користејќи повеќе од две милијарди постуредувања, „Транслејтед“ покажува постојано подобрување на вештачката интелигенција во однос на човечките преводи.
Во 2015 година, на професионалните уредници им биле потребни во просек 3,5 секунди по збор, за да го поправат машинскиот превод. Денес таа бројка е 2 секунди. Ако трендот продолжи, компанијата предвидува дека нивната вештачка интелигенција ќе го достигне квалитетот на човечкиот превод до крајот на деценијата, можеби и порано.
- Промената е толку мала, што не се забележува на дневна основа, но кога се анализира во текот на десет години, напредокот е импресивен - изјавил директорот на компанијата, Марко Тромбети.
Тој тврди дека ова е првпат некој од областа на вештачката интелигенција да направи предвидување за брзината кон сингуларноста. Сепак, иако ова е иновативен пристап за квантифицирање на напредокот кон сингуларноста, остануваат отворени прашањата за дефинирање на „Еј-џи-ај“ и интелигенцијата воопшто. Иако совршеното совладување на човечкиот јазик е значаен чекор, тоа не мора да значи дека вештачката интелигенција е интелигентна.
Но, таквиот напредок има потенцијал да го трансформира општеството, правејќи ја технологијата за преведување говор речиси нераскинлив дел од секојдневниот живот, дури и ако вистинската технолошка сингуларност останува далечна цел.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik