Два клучни фактори ја направија Естонија рајска градина за започнување бизнис. Прв е фактот дека во 1994 година Естонија меѓу првите земји во Европа воведе рамен данок, односно пропорционална даночна стапка и така им ги одврза рацете на оние што добро си ја работат работата. Другиот фактор кој денес ја прави Естонија земја на иднината е нејзиното единствено е-управување, поради што важи за најатрактивна земја за инвестирање во Европа. Во 2009 година во оваа земја е соборен Гинисов рекорд кога станува збор за времето потребно за регистрација на фирма - 18 минути и 3 секунди.
Прва сајбер-војна во историјата на светот
Но, воспоставувањето на дигиталната република во Естонија значеше и низа препреки. Естонија по повеќе од педесет години минати под советска чизма, во 1991 година се избори за независност и во последните две децении смело се впушти во воспоставување, одржување и унапредување на својот дигитален екосистем - дури и тогаш кога поради тоа паѓаше на колена.
Покрај тоа што мина болни процеси на приватизација, не ја одмина ни финансиската криза, но една од најзначајните препреки во воспоставувањето на електронскиот систем на управување се случи во 2007 година кога естонските власти решија да ја преместат статуата на Бронзениот војник - споменик на советското ослободување на Естонија од нацистите. Тоа предизвика бурни реакции од Русите, кои во Естонија сочинуваат 26 отсто од населението, и етничките тензии резултираа со првата сајбер-војна во историјата на светот.
Фото: Buka
Леснотија во работење
Една од најзначајните димензии на оваа „Европска Силициумска долина“ секако е поедноставеното и софистицираното работење или како што Естонците сакаат да ја наречат, работата „на далечинско“. Покрај тоа што станува збор за земја со најефикасна дигитална администрација - владата во Естонија од 2011 година нема испечатено ниеден службен весник - Естонија воедно е и земја која го дигитализира претприемништвото, овозможувајќи им на Естонците и на остатокот од светот непречено да основаат и да управуваат со бизниси од кој било дел во светот. Доволно е да се направи регистрација на е-бизнис регистарот, да се пополнат неколку полиња и потоа во е-порака да се добие потврда за
регистрација.