Некои од најлегендарните компании во Силициумската долина биле основани во гаражи. Постојат многу приказни за такви почетоци, па понекогаш ни се чини дека станаа клише. Многу од тие структури не ни постојат во формата во која биле кога во нив биле формирани компаниите, но и реновираните модели сè уште се историски места во очите на фановите.
Ова се гаражите каде што биле основани некои од најголемите технолошки компании.
1. Основачите на „Гугл“, Лари Пејџ и Сергеј Брин, ја изнајмиле оваа гаража во Менло Парк и таму стартувале во 1998 година.
Гаражата била дел од куќа во сопственост на Сузан Војчицки, која сега е на чело на „Јутјуб“. Таа на двајцата, сега веќе милијардери, им наплаќала кирија во висина од 1.700 долари за гаражата.
2. Стив Џобс и Стив Вознијак наводно ја основале „Епл“ во гаражата на оваа куќа во Лос Алтос, во која израснал Џобс.
Во 2013 година куќата беше прогласена за историско место, иако Вознијак истакна дека приказната за започнување на компанијата во гаража е малку мит бидејќи тоа било место каде што тој и Џобс минувале време и дискутирале, но не дизајнирале, не планирале производи таму и во гаражата немало производство.
3. Пред повеќе од 80 години Бил Хјулет и Дејвид Пакард ја основале ХП во гаражата на Пакард во Пало Алто.
Во 1987 година гаражата била прогласена за историско место, а ХП во 2000 година го купи имотот за 1,7 милион долари. Во оваа гаража бил развиен аудиоосцилатор, кој потоа ѝ бил продаден на компанијата „Дизни“ за филмот „Фантазија“.
Оваа гаража некогаш ја нарекуваат „родното место на Силициумската долина“.
4. Коосновачите на „Мајкрософт“, Бил Гејтс и Пол Ален, во првите денови на компанијата работеле во гаража во Албакерки, но како привремена домашна база служел мотелот „Сандаунер“, каде што тие напишале верзија од програмскиот јазик BASIC.
5. Џеф Безос во 1995 година ја основал „Амазон“ во овој дом во Белвју, Вашингтон, за кој тој и неговата тогашна сопруга плаќале месечна кирија од 890 долари.
Безос изјави дека тој ја избрал куќата делумно затоа што имало гаража, за да може да се фали со потекло слично на она на ХП или други големи технолошки компании.
Компанијата годинава беше продадена за повеќе од 1,5 милион долари, но не е баш истата куќа во која живеел Безос. Таа била реновирана во 2001 година и гаражата не изгледа како што изгледала во 1995 година.
Сепак, сè уште стои сандачето за пошта што го користел Безос.