X
 20.09.2018 Живот

Приказната зад фотографијата од човек што паѓа од кулите-близначки

За разлика од сите други луѓе што тој кобен 11 септември скокнале од Светскиот трговски центар, овој човек не изгледа како да се борел за живот. На фотографијата е замрзнат, исправен како стрела, со едното колено свиткано. Во положбата на неговото тело речиси постои некој вид револт. Фотографијата настанала 15 секунди по 9:41 часот наутро.

Фотографот Ричард Дру, кој ја направил оваа фотографија, знае дека историјата се прави токму во вакви моменти, дури и кога тие се исполнети со ужас и збунетост, а фоторепортерите се како платени сведоци.

Ричард во 21. година стоел пред Боби Кенеди кога бил убиен. Јакната му била испрскана со крв од Кенеди. Ја сочувал, но тогаш не фотографирал.

Со години работел како новинар во „Асошиејтед прес“. Како што вели - не е тој што треба да ги одбие сликите што му доаѓаат во објективот бидејќи никој не знае кога се создава историјата, додека некој не ја забележи.

Тој 11 септември 2001 година бил испратен на друга задача. Имал 54 години, носел очила, ќелав бил и имал седа брада. Научил да биде трпелив, но брз.

Бил на друга задача кога камерманот од Си-ен-ен му рекол дека авионот удрил во Северната кула. Тогаш му се јавил и уредникот. Ја спакувал опремата и влегол во метрото. Бил единствениот патник. Кога излегол од метрото, видел дека од двете кули излегува чад, а како што се приближувал до местото на терористичкиот напад, видел возила од итна помош. Тогаш слушнал луѓе како врескаат. Луѓето на земјата врескале бидејќи луѓето од кулите скокале. Почнал да фотографира, користел телеобјектив од 200 милиметри. Стоел меѓу полицијата и медицинскиот брат и секојпат кога некој ќе викнел: -Не, еве уште еден!, неговиот апарат правел 12 фотографии во низа. Направил 10 или 15 вакви фотографии.

Кога стигнал до својата канцеларија во центарот „Рокфелер“, ја ставил картичката од апаратот во лаптопот и го видел она што на самото место не го забележал - човек што паѓа, а не гледа надолу.

Неговата фотографија се појавила во стотици весници, магазини. Човекот што паѓа не бил идентификуван. Многу редакции се обидувале да откријат кој е. Се претпоставува дека станува збор за 43-годишниот Џонатан Брајлиј, кој работел во ресторан во Светскиот трговски центар.

Можеби Џонатан е човекот кој паѓа, но единствено што до денес остана сигурно е дека 15 секунди по 9:41 часот наутро, на 11 септември 2001 година, фотографот Ричард Дру фотографирал човек кој паѓа во смрт низ времето и просторот. Една од најпознатите слики во историјата стана необележан гроб, а човекот на фотографијата остана непознат војник во војна чиј крај и понатаму е неизвесен. Фотографијата на Ричард Дру е сѐ што знаеме за него. Оваа слика е споменик посветен на сеќавањето на непознатите војници во цел свет. Таа бара да ја гледаме и да си признаеме дека всушност знаеме кој бил и кој е човекот што паѓа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот