Секој ден десетици трилиони клетки во вашето тело работат во хармонија за да ве одржат во живот. Сега нов амбициозен проект координиран од Националниот институт за здравство (НИХ) на САД помага во мапирањето на секоја од тие клетки и да следи како тие соработуваат за да функционира телото.
Работата на човечкото тело е цврсто координиран концерт на клеточна активност. Иако знаеме многу за начините на кои нашите поголеми органи работат за да нè поддржат, сè уште треба да се открива многу за тоа како соработуваат нивните клетки.
Во 2016 година 90 научници од целиот свет ја лансираа групата „Атласот на човечки клетки“ (ХЦА), која создава атлас на сите индивидуални клетки од кои е составено човечкото тело.
Во нова статија во списанието „Сајнс“ се разгледува како со користење комбинација од техники за обработка на слики, истражувачки тимови вклучени во програмата мапираат делови од телото за да придонесат за атласот.
Првите неколку мапи од проектот веќе се комплетирани, вклучително и едно дело објавено во списанието „Нејчр“, во кое се мапирани 140.000 клетки на црн дроб додека се развивале. Студијата предводена од Музлифа Ханифа од Универзитетот во Њукасл утврдила дека како што луѓето се развиваат од фетус, способноста на нивниот црн дроб да создава крв и бели крвни зрнца се менува на возраст меѓу 7 и 17-неделна старост. Податоците се додадени во базата на податоци на ХЦА и може да бидат вредни за пoнатамошни
испитувања.
За тимот што стои зад програмата за атласот највозбудливиот дел ќе биде составување на сите податоци како мигроскопска сложувалка.
- Најголемиот предизвик ќе биде составувањето на сето тоа - вели Ричард Конрој од НИХ.
Сепак, тој очекува дека процесот ќе стане полесен бидејќи сè повеќе истражувачи почнуваат да придонесуваат за она што тој го нарекува „Гугл мапа на телото“, која оди до молекуларни детали на секоја клетка.