X
 20.10.2022 Наука

Мистериозен астероид се врти сѐ побрзо и побрзо, а научниците не можат да објаснат зошто

Астероид кој може да помине блиску до Земјата, кој предизвикува спектакуларен годишен метеорски дожд од групата Геминиди, почна чудно да се однесува.

Набљудувајќи ја променливата светлина на астероидот „3200 Фаетон“, научниците заклучиле дека тој почнал да се врти сѐ побрзо и побрзо околу својата оска, скратувајќи ја ротацијата за околу 4 милисекунди секоја година. Ова откритие ги изненадило научниците бидејќи вртењата на астероидите обично не се менуваат.

Разбирањето на она што се случува со овој астероид може да ни даде поголем увид во класата на астероиди кои се сметаат за „потенцијално опасни“. Овој астероид моментално не претставува никаква опасност за Земјата, но со својот пречник од 5,8 километри, доколку случајно би удрил во нашата планета, би можел да предизвика значителна штета.

Дополнително, за време на неговата траекторија, ни се приближува доволно блиску, што поизразена промена во неговата орбита од 524 дена може да предизвика одредена загриженост.

Необичен астероид


Овој астероид е доста необичен. За време на својата орбита, како комета, се приближува до Сонцето и зад себе има правлива опашка. Но, за разлика од кометите, се чини дека нема мраз на неа, поради што експертите ѝ го дадоа прекарот Камена Комета.

Дополнително, тој е еден од двата астероиди кои произведуваат метеорски дожд. За тој небесен спектакл, обично се задолжени кометите.

Исто така, овој астероид има впечатливо сина боја, додека повеќето астероиди се црвеникави или сиви.

Поради своите необични карактеристики, Јапонската вселенска агенција планира да ја испрати мисијата DESTINY+ (Демонстрација и експеримент на вселенска технологија за меѓупланетарно патување).

Светлината на Фаетон се менува додека ротира околу својата оска, што значи дека по некое време научниците успеале да го одредат неговиот приближен период на ротација од околу 3,6 часа. Но, ако сакаме да слетаме вселенско летало на него, потребни ни се попрецизни податоци.

Засега причината е непозната


Планетарниот научник Шон Маршал од опсерваторијата „Аресибо“ во Порторико почнал да работи за подетално да ги одреди големината на астероидот, обликот и ротацијата. Токму така тој открил нешто многу необично.

- Предвидувањата од моделот на обликот не се совпаднаа со податоците. Сфатив дека периодот на ротација на Фаетон постепено се менуваше пред набљудувањето во 2021 година, можеби поради неговата активност кога беше во близина на перихелот во декември 2020 година - објаснува Маршал.

По подетална анализа на податоците, кои го опфаќаат периодот од 1989 до 2021 година, тој открил дека оваа промена може да се објасни со постепено, стабилно забрзување и загуба од 4 милисекунди период на ротација годишно.

Гледајќи на годишно ниво, тоа не е некоја голема промена, но како што минуваат децениите, станува сѐ поизразена.

Експертите не знаат точно зошто се случува ова. Можно е да се работи за губење маса, при што доаѓа до забрзување на ротацијата. Може да се работи и за ефектот Јарковски-О'Киф-Раџиевски-Падак (YORP), кога топлината на ѕвездата влијае врз брзината на вртење на мало тело, како што е астероидот.

Маршал и неговите колеги го претставија своето откритие минатата недела на 54. годишен состанок на Одделот за планетарни науки на Американското астрономско друштво.

Извор: Index.hr
Фото: Science Alert
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука