X
 12.02.2019 Живот

Хрватите масовно одат на шопинг во Босна и Херцеговина

Ако се суди според официјалните податоци од Босна и Херцеговина, Велика Кладуша и Орашје се најфреквентни општини во таа земја. Хрватите таму одат на шопинг и притоа купуваат баш сè бидејќи е многу поевтино отколку кај нив.

Причината за ова е повеќе од очигледна. БиХ со стапката на данок на додадена вредност од 17 отсто е идеална дестинација за луѓето што сакаат да поминат поевтино при купувањето. Купувачите ги задржуваат сметките и пополнуваат обрасци за поврат на ДДВ. И тука се бележат рекорди.

Според Ратко Ковачевиќ, портпарол на босанската Управа за индиректно оданочување, странските државјани во 2018 година пополниле вкупно 405.781 барање за поврат на ДДВ со вкупна вредност од над 17 милиони конвертибилни марки. Ова е рекордна година кога станува збор за поднесени барања за поврат на ДДВ бидејќи странските државјани по основа само на овие поднесени барања во босанските каси оставиле најмалку 121 милион конвертибилни марки.

- Секоја година имаме раст на бројот на странски државјани што купуваат стоки во Босна и Херцеговина и ја изнесуваат надвор од царинските подрачја на БиХ. По граничните премини точно се гледа во кои подрачја најмногу доаѓаат странски државјани за да купуваат. Тоа главно се погранични подрачја каде што доаѓаат голем број жители од соседните земји Хрватска и Србија - истакнува Ковачевиќ.

Според податоците што од „Бука“ ги добиле од Управата за индиректно оданочување на БиХ, најмногу барања биле поднесени на граничниот премин Орашје - 54.287, со вкупна вредност на ДДВ од над 2,3 милиона марки.

Граничниот премин Хукиќа Брдо е рекордер кога станува збор за износот на ДДВ - износот на повратени пари би требало да биде 2.614.601 марка за 45.042 барања поднесени од страна на странски државјани.

Најмалиот износ на кој може да се изврши поврат на данок на додадена вредност во БиХ, според инструкциите на тамошната Управа за индиректно оданочување, е 100 марки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот