X
 12.02.2019 Образование

Јапонски град со вештачка интелигенција ќе открива булинг во училиштата

Град во Западна Јапонија најави дека планира да користи вештачка интелигенција за да ја предвиди сериозноста на сомнителните случаи за булинг во училиштата. Тоа ќе биде првата таква анализа од една општина во земјата.

- Преку теоретска анализа на минатите податоци, ќе можеме правилно да одговориме на случаите, без да се потпираме само на претходните искуства на наставниците - изјави градоначалникот на Оцу, Наоми Коши, во врска со планираната анализа.

Ќе се користи вештачка интелигенција за анализа на 9.000 сомнителни случаи за булинг пријавени од основните и средните училишта во градот, во текот на шест години. Ќе се испитуваат одделението и полот на жртвите и сторителите, како и кога и каде настанале инцидентите.

Статистичката анализа на податоците се очекува да им помогне на локалните власти и наставниците да ги идентификуваат формите на малтретирање кои може брзо да ескалираат и бараат посебно внимание.

buling

Исто така, вештачката интелигенција ќе разгледа и други фактори, како што се отсуство од училиште и успех, а наодите ќе бидат составени во извештај што ќе го употребуваат наставниците и на семинари за обука.

- Булингот може да почне невино, но може да се влошува од ден на ден. Важно е да се знае кои случаи може да станат сериозни - изјави претставник од одборот за образование.

Одборот за образование во градот беше подложен на критики откако во 2011 година 13-годишен ученик се самоуби скокајќи од зграда. Одборот првично не пронашол врска меѓу самоубиството и малтретирањето, но некои ученици подоцна изјавиле дека на момчето постојано му било велено да „вежба да се самоубие“.

Независен комитет формиран од владата на Оцу подоцна изјави дека самоубиството било поради булинг. Овој случај ја натера Јапонија да донесе закон истата година, обврзувајќи ги училиштата да создадат насоки за да се спречи малтретирањето. Во Оцу од училиштата се бара да ги пријават сите можни случаи на малтретирање до градскиот одбор за образование во рок од 24 часа.

Основните и средните училишта во Јапонија пријавија повеќе од 410.000 случаи на булинг во 2017 година. 10 од 250 ученици што извршиле самоубиство се соочувале со булинг на училиште.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование