X
 21.01.2019 Технологија

Прва година со продадени над 2 милиона електромобили

Минатата година во светот се продадени вкупно 2,1 милиона електрични и хибридни возила, со што тој број првпат е поголем од 2 милиона.

Уделот на таквите возила во сите новорегистрирани е 2,4 отсто, а Кина сѐ уште е светски лидер во продажбата на електрични автомобили. Во Кина минатата година се продадени повеќе од 1,2 милион електрични возила, што е за 62 отсто повеќе отколку во 2017 година. Уделот на овие возила минатата година се зголемил за 1,8 отсто, на 4,5 отсто.

Според аналитичарите, купувањето електрични автомобили во Кина главно е водено од желбата да се намали зависноста од увоз на нафта и да се зајакнат компетенциите на кинеските производители на автомобили, додека еколошките прашања се во заднина.

На второто место се САД, каде што бројот на електрични возила се зголемил за 86 отсто, на 361.000. Меѓу Американците најпопуларен бренд останува „тесла“.

Во Европа на чело е Норвешка, каде што речиси секое второ новорегистрирано возило е со електричен или хибриден мотор. Вкупниот број на таквите возила е 73.000.

Во Германија, која е автомобилска суперсила, уделот на електричните и хибридните возила се зголемил за 0,4 отсто, на 2 отсто.

Оваа година во Кина се очекува пораст на бројот на електрични возила на 1,6 милион, додека на глобално ниво на 2,7 милиона.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија